Филипче: Вакцините се безбедни, вакцинацијата единствен начин да го победиме вирусот

36

Министерот за здравство Венко Филипче, утрово гостуваше на утринската програма во МТВ каде говореше на сите актуелни теми поврзани со Ковид-19. Министерот Филипче потенцираше дека се охрабрувачки резултатите од истражувањето со здравствените работници, кои покажуваат дека над 60% од здравствените работници би се вакцинирале против Ковид 19.

„Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот, доколку тие се вакцинираат тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните“ – истакна Филипче.

Министерот истакна дека како и досега, министерството ќе продолжи да информира транспарентно и точно, со цел граѓаните да добијат правилни информации за важноста од вакцинирањето и безбедноста на овој процес.

„Вакцинирањето е сериозен и проверен процес. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини. Една вакцина која ќе ја помине процедурата на одобрување од европкасата и американската агенција за лекови, како на пример вакцината на Фајзер, е со сигурност безбедна вакцина затоа што проверките, критериумите и условите на овие две агенции се многу строги“ – истакна Филипче. Тој додаде дека сите вакцини кои ќе пристигнат кај нас ќе бидат целосно безбедни, а граѓаните може да имаат целосна доверба во процесот на вакцинација. Тој порача дека граѓаните мора да се свесни дека само преку вакцинација може да се искорени и победи болеста и тоа е единственото сигурно оружје против Ковид 19 вирусот.

Министерот Филипче се осврна и на епидемиолошката состојба која значително се подобрува во последните четири недели. Тој истакна дека за ова има голем удел однесување на граѓаните кои значитлено повеќе од порано ги почитуваат мерките за заштита.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.