Филипче ветува дека Кичево ќе добие нова болница за 18 месеци

Новата зграда на кичевската Општа болница, што почна да се гради пред 32 години сè уште не е целосно завршена и како што најави министерот за здравство, Венко Филипче, овој објект во наредните 18 месеци ќе биде целосно завршен и ќе им биде ставен на располагање на жителите од општините Кичево, Македонски Брод и Пласница.

– Започнаа работите на доизградбата на новата Општа болница во Кичево. Веќе имаме една ситуација целосно завршена и, јас верувам дека со вака интензивна работа со која започна втората фаза, за најмногу 18 месеци ќе биде целосно завршен новиот објект и тоа ќе значи зајакнување на целиот здравствен систем во Кичево и регионот во кој гравитираат над 60 000 жители од трите општини Кичево, Македонски Брод и Пласница, најави министерот Филипче.

Овој објект почна да се гради во далечната 1989 година. Во неколку наврати започнаа градежни работи за негова доизградба, но, ниту еднаш досега не завршија целосно. Последниот зафат на овој објект се случи во периодот помеѓу 2014-2015 година, и по прекинот на работите, сега се очекува конечно да се финализираат градежните работи на овој долгоочекуван објект за граѓаните на Кичево.