Филипче: Има околу 500 легла во ковид центрите во Скопје, со план за дополнителни 200 кревети

Министерот за здравство  Венко Филипче имал средба со Александар Трајановски, директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и со директорите на ковид центрите од комплексот „Мајка Тереза“.

„На работниот состанок со колегите од хируршките клиники и ковид центрите на интерните клиники разговаравме за реализација на новиот ковид оддел во склоп на ТОАРИЛУЦ“, соопшти Филипче.

Според него, во моментов околу 500 легла има во ковид центрите во Скопје, со план за дополнителни 100 кревети на Клиниката за уво, нос и грло, и на хируршките клиники. Дополнителни 100 кревети ќе се обезбедат и од страна на приватните болници.

„Новиот ковид-оддел ќе биде активиран ако за тоа има потреба, согласно епидемиолошката состојба во државата и бројот на пациенти кои бараат хоспитализација“, истакна Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.