Филипче: Засега нема потреба од допoлнителни рестриктивни мерки

Засега нема потреба од допoлнителни рестриктивни мерки, бидејќи по иницијалното зголемување на бројот на заразени од коронавирусот состојбата се стабилизира, истакна во саботата министерот за здравство Венко Филипче.

Притоа Филипче посочи дека бројот новодијагностицирани по иницијалното зголемување особено остро во текот на изминатата седмица, се стабилизирал на близу десет отсто од вкупниот број направени тестови.

„Тие контроли на случаите и увид во епидемиолошките анкети кои ги прават епидемиолозите сега засега не оставаат простор за некаква паника, односно дека има најава дека има неконтролирано ширење  на вирусот, нешто што би требало да наметне потреба од некакви дополнителни рестриктивни мерки. Искрено се надевам дека никој од нас ниту ние, ниту нашата земја, ниту целиот регион заради тоа што очигледно дека насекаде има иста или слична епидемиолошка ситуација, нема да се соочиме со таква ситуација да треба да препорачаме рестрикција“, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на Светскиот ден на срцето.

Според него, првиот чекор би бил некоја форма на поблаги рестриктивни мерки, го најавиле ограничувањето на јавните собири, односно целосната забрана во некои општини, региони каде што ќе сметаат дека бројките и начинот на пренос укажува дека има начин на трансмисија на  вирус што треба да се запре со таков начин на рестрикција.

Потенцираше дека маските на отворено засега не се задолжителни, меѓутоа доаѓа есенски, зимски период во кој луѓето треба да се штитат и од настинки и од сезонски грип.

„Исто така во повеќе меѓународни списанија се укажува дека е можно и ПМ честичките во ситуација кога има загадување да бидат преносители на вирусот. Значи тоа се аргументите кои ние ги евалуираме и врз основа на кои носиме препорака каква мерка ќе се донесе. Имаме честа комуникација со претседателот Пендаровски, се интересира и му давам информација за тоа каква е состојбата со епидемијата. Засега нема знаци дека треба да се препорача и некаква друга дополнителна поблага рестрикција, а далеку секако и од таков целосен карантин, рече Филипче.

Во врска со анализата за зголемената смртност и какви се последните тенденции со Covid-19, тој појасни дека во однос на интерните анализи што ги прават одделенијата, болниците и клиниките речиси при крај е анализата на Инфективната клиника и таа во текот на следната седмица ќе заврши.

„Верувам дека за една недела сите центри ќе треба да ја завршат работата и после тие резултати ќе ги презентираме во јавноста. Ќе ги искористиме резултатите да се направи анализа за пристапот, ефектите, терапијата, времето на доаѓање во болница, за да знаеме како ќе продолжиме и во следниот период, односно дали може нешто од тоа дополнително да научиме“, додаде Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.