Филипче: Зголемувањето на платите на здравствените работници е една од најголемите придобивки

Во вчерашното гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека зголемувањето на платите на здравствените работници е една од најголемите придобивки во период од повеќе децении наназад.

-Оваа значајна сума, што ја инвестиравме во платите на лекарите, медицинските сестри за две ипол години изнесува околу 2 милијарда денари во платите и во дежурствата. Ова е нешто што дури и ни помогна полесно да се справиме со кризата. Не ги зголемивме само основните плати на лекарите специјалисти за 40%, медицинските сестри до 23%, помошно-техничкиот персонал, туку и надоместокот за дежурства. Сега има разлика од практично 100%. во плата на лекар специјалист, споредено со периодот од пред две ипол години. Платите кои беа 60 до 70 илјади денари заедно со дежурства, сега се меѓу 85 и 165 илјади денари. Дежурствата коишто порано беа 1.200, односно 3.000 илјади денари, сега се меѓу 3.500 и 10.000 денари. Можете да замислите колкава разлика сме направиле. И тоа го гледаме, потенцираше министерот Филипче.

Тој информираше дека има огромен интерес за лекари од приватното здравство да преминат во јавното здравство. Има огромен интерес и кај младите лекари.

-Сите коишто добија лиценца за работа покажаа интерес да работат во јавното здравство, огромен процент дури и со пациентите со ковид. Мислам дека направивме една одлична финансиска стимулација, нешто што ќе ги задржи младите дома. Но, не се само парите и платите тоа што младите ги држи тука во државата. И системот на едукација е и можноста за напредување, рече министерот Филипче и најави дека за оваа недела се закажани состаноци со директорите на повеќе клиники, на кои ќе се разговара за промена на начинот на едукација, по примерот на европските клиники за едукација на младите лекари. Тој најави дека моделот ќе биде промовиран на почеток на наредната недела.