Филипинската војска објави дека завршила заложничката криза во основно училиште

Заложничката криза која се одвиваше во основно училиште на југот на Филипини во средата е завршена, објави портпаролот на филипинската армија, наведувајќи дека исламските екстремисти кои држеле заложници се повлекле и оти нема жртви.

„Кризата е решена. Тие се повлекоа, не се повеќе таму. Подрачјето околу училиштетот повторно е безбедно“ изјавил бригадниот генерал Реституто Падиља за медиумите.

Сепак, Падиља додал дека војската и натаму ја испитува можноста грабнувачите уште држат пет цивили, но додал дека ниедно од децата не е земено во заложништво, како што претходно беше соопштено.

Малку претходно портпаролот на милитантната група изјавил дека неговите соборци одвеле група цивили на „безбедно место“ откако избувнал судир со филипинската војска, но дека немаат намера да ги задржат.

Филипинската полиција во средата утрото објави дека околу триста вооружени лица, меѓу кои и припадници на Исламските борци за слобода на Бангамор (BIFF), упаднале во училиште во Пигкавајан во покраината Северно Котобато, на островот Минданао.

Пигкавајан се наоѓа 190 километри јужно од Марави, каде што екстремистите од BIFF заедно со борци на други групации поврзани со сунитската џихадистичка организација Исламска држава од 23 мај даваат отпор на филипинските безбедносни сили.

Филипинската армија покрена во вторникот нова офанзиава за да ја расчисти споменатата област до почетокот на рамазанските празнувања.