Филипов: Деловните заедници се оние кои треба да ги решат трговските марки согласно Договорот од Преспа

Деловните заедници се оние кои треба да ги решат трговските марки согласно Договорот од Преспа. Меѓународната група на експерти е тука за да им помага и да им дава насоки, односно да кажува дали излегуваат или се во рамки на меѓународното право и на правата од оваа област на двете држави.

Ова денеска го изјави Ѓорѓи Филипов, шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, во изјава за медиуми по тркалезната маса со деловните заедници во Стопанската комора, на која присуствуваа и претставници на МНР, експертската група и граѓански организции, организирана од Центарот за европски стратегии Евротинк.

– Ние, како и грчката страна вршиме подготовки со деловните заедници за отпочнување на терен на разговорот меѓу деловните заедници, бидејќи во суштина разговорите околу трговските марки ќе се одвиваат меѓу деловните заедници, кои ќе формираат свои групи за разговор. Досега одзивот на стопанските комори е позитивен затоа што крајниот исход на целата работа која треба да заврши за три години, до 2022 година, ќе треба да биде усогласување на сите досегашни комерцијални имиња на компаниите, трговските марки што ги носат ознаките македонски, македонско, или зборот Македонија што треба да го содржат, кои можат да бидат напуштени или задржани, зависно од тоа како ќе се договорат деловните заедници, а сето тоа да биде во рамки на меѓународното право и на правата во двете држави, истакна Филипов.

Оценува дека ова прашање е во интерес да се реши и за стопанствата и за потрошувачите на двете држави, со цел да не се врши конфузија на пазарот и сметајќи на натамошен развој на трговската размена меѓу Грција и Северна Македонија, за која статистиката покажува дека во првите девет месеци од годинава е зголемена за десет отсто.

– Прашањето околу трговските марки предизвика можеби многу повеќе политички интерес, а нема потреба од тоа бидејќи точно се работи за деловен проблем, што треба да заврши со договор. Крајната цел е да нема конфузија меѓу потрошувачите дали купуваат од Грција или од Северна Македонија, вели Филипов.

Смета дека дел од стопанствениците немаат доволно познавања за ова и не сметаат дека тоа е нивно прашање, иако во Договорот Член 1.3.ж, конкретно стои дека деловните заедници се тие што треба да ги разрешат во крајна инстанца тие прашања, а меѓународната група на експерти е тука да им помага сето тоа да се одвива согласно меѓународното право.

– Крајно време е стопанските комори да формираат нивни заеднички тимови и стопанските комори од соседната земја истото тоа да го направат и да започнат со конкретни разговори на терен. На коморите им треба иницијација, ние постојано го препрочитуваме тој член, дека деловните заедници треба да разговараат, бидејќи се работи за приватно право на стопански субјект, не може државата да им ги одземе тие права и таа да преговара во нивно име. На пример, некоја трговска марка вреди дури и повеќе од самата компанија, подвлече Филипов.

Во однос на тоа дали три години се доволен рок за да се реши прашањето за трговските марки, вели дека заедничката цел е стопанствата на двете земји да продолжат успешно да сработуваат, и оти е можно тоа да се реши до 2022 година.

– Стопанските субјекти и во едната и во другата држава не реагираат сензационалистички, како што реагираа новинарите и политичарите, во однос на предлогот на премиерот Кирјакос Мицотакис со промовирањето на новата трговска марка. Заедниците реагираа и помудро, стопанствениците имаат еден интерес а тоа е да се зголеми профитот, и може да се стигне за овие три години да се разрешат овие прашања. Ако тераме само по меѓународното право, лесно и брзо може да се разреши се. Меѓутоа бидејќи е оптоварено со политички прашања, досега ние не можевме да заштитиме марки во ЕУ, бидејќи априори се одбиваа со таков назив затоа што ние не сме членка на тој Европски завод за интелектуална сопственост, тие се членка и нормално се во предност, оцени Филипов.

Посочи дека сега Репубика Северна Македонија е единствена држава во светот која го содржи името Македонија и сме во малку поинаква позиција, веќе немаме референца, туку имаме многу поголеми права.

– Во земјава има околу 3.200 фирми што содржат зборот Македонија, во Грција бројката е околу 3.500 на таквите компании. Ако деловните заедници постигнат договор, тогаш нема да има забуна на пазарот нема да им пречи ниту на потрошувачите, тоа е основното. Нема да биде наметнато ништо со сила, туку со заемна соработка и заеднички договор на деловните заедници, рече тој.

Меѓународната група на експерти е формирана во средината на јуни и досега е одржан само еден состанок. Составена е од пет експерти од Северна Македонија, пет експерти од Грција, еден експерт од Светската организација за интелектуална сопственост и се очекува кон неа да се приклучат еден или двајца експерти од Европскиот завод за интелектуална сопственост. Се очекува вториот состанок да се одржи до крајот на годината во Атина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.