Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ со уште три престижни награди

Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска се закити со уште три престижни награди.  На штотуку завршениот фестивал „All About Freedom Festival“, „Господ постои, името и е Петрунија” ја доби главната награда за најдобар филм.

– Фестивалот се одвива во Гданск, Полска и е поддржан од Европската комисија. Главната награда која ја освои Петрунија е парична во вредност од седум илјади евра. Полскиот дистрибутер на филмот „Aurora films“ планира да ја започне дистрибуцијата во Полска на почетокот на следната година, соопшти продукцијата „Сестри и Брат Митевски„.

Оттаму наведуваат дека на Тузла Филмскиот Фестивал во Босна и Херцеговина „Господ постои, името и е Петрунија” ја освои главната награда Златната вила за најдобар филм.

На Македонскиот филмски фестивал во Торонто, главната актерка Зорица Нушева ја освоила наградата за најдобра женска улога.

– Во октомври, Петрунија патува на дури десет фестивали ширум светот, со што веќе се приближува на околу седумдесет фестивалски прикажувања досега, а според неверојатната есенска фестивалска побарувачка сигурно нема да застане на оваа извонредна бројка. Со најновите признанија, со веќе 25 награди досега, не е нескромно да кажеме дека Петрунија навистина го освојува светот, соопштија од продукцијата „Сестри и Брат Митевски“.