Филмот „Wonder Woman“ оствари рекордна заработка од почетокот на пандемијата

Акциониот филм „Wonder Woman 1984“ во текот на божикниот викенд во кината ширум светот остварил заработка од 36,1 милиони долари, објави во неделата дистрибутерот „Warner Bros“ истовремено потврдувајќи ги плановите за третиот филм од оваа франшиза произлезена од стриповите за суперхероите.

Се проценува дека од вкупната сума од 36,1 милиони долари, 16,7 милиони долари се остварени на кино-благајните во Северна Америка и Канада, стои во процената на одделот во сопственост на телекомуникациската компанија „AT&T“.

Стенува збор за најголемата заработка во американските кина од првите затворања на почетокот од ширењето на коронавирусот во март. Меѓутоа, овие бројки се само дел од вообичаените заработки на почетокот од дистрибуциите на високобуџетните филмови во нормални околности.

Милиони луѓе го гледале филмот и во своите домови во САД, бидејќи беше достапен преку платформата HBO Max на „WarnerMediа“, се наведува во соопштението на компанијата.

Во петокот бројот на часовите гледање на HBO Max тројно се зголемил во споредна со вообичаените денови во текот на ноември и декември, се додава во соопштението.

Од „Warner Bros“ порачуваат дека ќе го забрзаат развојот на третиот филм од франшизата „Wonder Woman“, кој исто така го напиша и режира Пети Џенкинс, а во кој израелската актерка и модел Гал Гадот-Варсано ја игра жената воин која се бори со ласо.