Филмовите „Вистината“ и „Уште една тура“ вечерва во Кинотека

„Вистината“ во режија на Хироказу Корееда  и „Уште една тура“ на Томас Винтербег ќе бидат прикажани вечерва во рамки на ноемвриската филмска прогрма на Кинотеката.

– Кога минатите години ја најавувавме ноемвриската програма во киносалата на Кинотеката, повлекувавме паралели со Movember, алтернативното движење кое има намера да ја продлабочи свесноста кај мажите за канцерогените болести. Заштитен знак на Movember се мустаќите, а заштитен знак на кинотечната сала преку целата година се квалитетните филмови. Овој ноември можеби нема да видиме кој од мажите го почитува Movember – затоа што носењето маски е задолжително на сите јавни простори – но суштината е во личниот однос кон нештата од општ интерес. Во тој интерес спаѓа јавното здравје. Можеби ќе звучи претерано, но добрите филмови, пак, се во интерес на менталното здравје – наведуваат од Кинотеката  и ги повикуваат посетителите да придржуваат до здравствените протоколи.

Филмот „Вистината“ (119 мин.) на Корееда, кој е и автор на сценариото, е на програмата од 18 часот. Станува збор за француско-јапонsко-швајцарска копродукција од 2019 година во кој улогите ги толкуваат: Катрин Денев, Жилиет Бинош, Итaн Хоук, Лудивин Сање.

Според сижето на филмот, Фабиен е остарена француска филмска ѕвезда која покрај повременото губење на помнењето, се труди да остане достојна и почитувана. По објавувањето на нејзинитемемоари, нејзината ќерка Лумир доaѓа од Њујорк во Париз за да го прослават тој настан. На средбата по многу години се случува интелигентна и духовита борба на мислења меѓу мајката и ќерката. Лумир го доведува во прашање минатото на нејзината мајка, во биографијата опишана во розеви тонови. Напнатоста во нивниот однос – потцртана со најновата улога на Фабиен во нов научно-фантастичен фим – постепено попушта. Дали ќе се помират?

„Вистината“ беше учесник на фестивалот во Венеција 2019 година. Камерата е на францускиот кинематографер Ерик Готје, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018 година за филмот „Пепелта е најчисто бело“.

Во терминот од 20 часот на програмата е филмот „Уште една тура“, кој ќе се прикажува и на 5 ноември. Оваа данско-шведска копродукција, произведена оваа година, е дело на Винтерберг, кој заедно со Тобиас Линдхолм го потпишуваат и сценариото. Улогите ги толкуваат Мадс Микелсен, Томас Бо Ларсен, Ларс Ранте, Магнус Миланг.

Винтерберг, кој заедно со Ларс фон Трир е еден од основачите на филмското движење „Догме 95“, во „Уште една тура“ гради концептуална приказна за пијанчењето на четворица разочарани и уморни интелектуалци, средношколски професори по историја, физичко воспитување, психологија и музичко образование.

Приказната за професорите, се посочува, тргнува од наводната теорија на еден познат психолог дека секој човек би требало да се роди со 0,5 промили алкохол во крвта, па таквата скромна опиеност би му го отворила умот за светот околу него, би му ги намалила проблемите и би му ја зголемила креативноста…

Сакајќи да ја докажат оваа теорија, четворицата професори почнуваат со експериментот – да бидат константно опиени во текот на целиот работен ден на училиште. Најкреативен и најагилен во „докажувањето“ на теоријата е професорот по историја (Микелсен): под дејство на алкохол здодевните предавања за периодот на Втората светска војна на неговите часови ги претвора во вистинско шоу, а неговите ученици се воодушевени од лекциите. „Уште една тура“ е горчлива комедија која ги открива и сериозните животни проблеми, вклучувајќи го и оној дека тагата не може да се излечи со алкохол.

Филмот на Винтерберг беше селектиран во официјалната конкуренција на годинешниот Кански фестивал, но неговото одржување во мај беше одложено. „Уште една тура“ имаше светска премиера на фестивалот во Торонто, а минатиот месец беше победник на фестивалот во Сан Себастијан.

Влезниците чинат 100 денари, филмовите не се препорачуват за деца под 12 – годишна возраст.