Филмскиот фонд ја усвои годишната Програма за финансирање на филмски проекти од национален интерес

Филмскиот Фонд на Македонија на последната седница на Управниот одбор ја усвои Годишната Програма за финансирање на филмски проекти од национален интерес за 2014 година, согласно последниот распишан конкурс од страна на фондот.

На последниот конкурс беа пријавени вкупно 78 филмски проекти, односно 28 долгометражни филмови (14 мнозински и 14 малцински филмски проекти), 20 документарни филмови  (18 мнозински и 2 малцински филмски проекти), 28 кратки филмови и 2 анимирани филмови.

Со стапување во сила на  Законот за филмска дејност, Филмскиот фонд се трансформира во Агенција за филм на Македонија со што се прошируваат ингеренциите и активностите во филмската дејност вклучувајќи и грижа за дистрибуцијата на филмови,  киноприкажувачката дејност,  воведување на единствена евиденција на податоци за филмската дејност, категоризација на филмови заради заштита на малолетни лица, продукциски олеснувања со цел поттикнување на вложување средства во нови филмови и др.

Според новиот закон,  Агенцијата за филм за финансирање на филмски проекти ќе распишува конкурс еднаш годишно кој ќе трае во текот на целата година,  а по конкурсот ќе одлучува два пати годишно во април и октомври.

Агенцијата за филм со новиот закон очекува да се зголеми бројот на продуцирани филмови, да се зголемат средствата кои ќе се доделуваат, но вооедно и очекува филмаџиите да понудат многу нови свежи идеи интересни за пошироката публика како комедии, филмови за деца и млади, но и филмови инспирирани од нашето поблиско и подалечно историско минато, филмови кои ќе бидат интересни за домашната публика и атрактивни за меѓународните филмски фестивали.

Од друга страна Агенцијата за филм ќе продолжи со вложување во развој на кино мрежата во Македонија каде во изминатиот период беа набавени дигитални проектори за 20 града. Интенцијата на Агенцијата за филм ќе биде филмовите да стигнат до што поширока публика низ целата земја.