Филмско бегство се подговувало во Идризово-пронајдени два тунели низ кои затворениците требало да избегаат

Филмско бегство се подговувало во најголемиот македонски затвор КПД Идризово. Во затворот се откриени два тунела кои требало да бидат употребени за бегство на непознат број затвореници. Бекството е спречено, а полицијата денеска вршела претрес во затворот, пренесува „360 степени“.

Во единственото официјално соопштение од Обвинителството што е објавено досега, потврдено е дека имало претрес во КПД Идризово со цел, како што е наведено „за обезбедување доказен материјал“.

„Во акција координирана од Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомневања за кривично-правни дејствија, утрово се извршени претреси во КПУ ’Идризово’ – Скопје со цел обезбедување доказен материјал“ – соопштија од Обвинителството.
Претресот во повеќе простории на затворот Идризово потврден е и од МВР.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (11.4.2024 г.) под координација на ОЈО Скопје и по барање на КПУ ’Идризово’, даде асистенција на затворот во вршење на претреси на повеќе простории со цел обезбедување доказен материјал поради сомневања за кривичноправни дејствија. Претресите се завршени и сите активности поминаа без никакви проблеми“ – соопштија од МВР.