Филозовката Кристева негира дека била припадник на бугарската тајна служба

Филозовката Јулија Кристева, којашто од 1966 година живее во Франција, во средата негираше дека во времето на комунизмот била припадничка на бугарска разузнавачка служба во изјава за францускиот неделник L’Obs кој тврди дека ги пронашол нејзиното досие на таен агент.

Ова тврдење „не е само смешно и лажно“, туку е и „клевета“ изјави Кристева која е филолог, психоаналитичар и книжевник која веќе половина век живее во Франција. „Некој сака да ми наштети“, вели Кристева, чијшто случај предизвика голем интерес на западноевропските медиуми, како што се британските The Guardian и Reuters.

Во својот зенит, бугарската државна безбедност, која тесно соработувлата со советскиот КГБ, оперирала со мрежа од 100.000 агенти и информатори. Таа беше распуштена во 1989 година, по распадот на комунистичкиот режим. Прашањето за пристап и објавување на досиејата на службата во Бугарија, како и во сите други посткомунистички земји, продолжува да предизвикува силни емотивни реакции за време на тешките транзиции кон демократијата.

L’obs пишува дека досеито е изваден од архивите, бидејќи сега 76-годишната Кристева сакала да работи за бугарскиот магазин Литературен вестник, поради што морала да ја мине проверката која е задолжителна за „сите новинари родени пред 1976 година“.

Списанието на својата интернет страница го објави споменатиот документ во кој се наведува дека била врбувана во јуни 1971 година под кодно име „Сабина“. Таа, според документот, била сорабитник на Првиот оддел на Комитетот за државна безбедност, кој го надгледувал разузнавањето во областа на уметностите и медиумите.

Кристева се доселила во Париз, каде што живее и денес, во 1965 година како стипендист на француската влада. Документот, меѓутоа, не укажува колку време работела за тогашната комунистичка бугарска служба за државна безбедност или дали за нејзините активности добивала исплати.

Стекнувајќи се со француско државјанство со мажењето за писателот Филип Солер, се истакнала како интелектуалка и авторка на богат опус кој опфаќа повеќе од 30 трудова од областа на книжевноста, психоанализата, лингивстика и семиотика. Соработувала со познатите француски интелектуалци Жак Дерида, Жак Лакан и Ролан Барт, а почесен професор е на Универзитетот Париз Дидро и визитинг професор на њујоршкиот Универзитет Колумбија.

Списанието Foreign Policy ја рангираше Кристева како една од 100-те најголеми мислители на XX век. Освен научните трудови, таа последните години интензивно пишува за културни и феминистички прашања и, исто така, е романсиер.