Финансиската полиција денеска се дообјаснува за Еуростандард банка

Финансиската полиција денеска се дообјаснува, откако директорот Арафат Муареми вчера преку ТВ 24 пушти вистинска бомба, кога рече дека под лупа се уште две до три банки, кои постапувале слично како пропаднатата Еуростандард банка. Се отври прашањето дали ќе се стави клуч и на други банки што ги исплаши граѓаните.

Денеска од Управата смируваат. Дадената изјава на директорот воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките, односно не упатува на тековни наоди, туку се однесува на преземени дејствија од страна на банки во период од 2007 до 2012 година.

„Изјавата воопшто не имплицира дека во овој момент се преземени нови дејствија за нови случаи. За наведените дејствија Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и известување до Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО)“, стои во соопштението на Финансиската полиција.

За оваа вест која како земјотрес го стресе финансискиот свет се огласи и Народната банка. Монетарната власт во земјава тврди дека банкарскиот систем е стабилен и солиден и дека нема ризик.

„Во врска со изнесеното од директорот на Управата за финансиска полиција, а согласно природата на надлежностите на Управата, Народна банка не располага со детални информации за овие прашања. Дополнителното појаснување, дадено од Управата денес, јасно посочува дека не станува збор за активности коишто тековно се одвиваат и со тоа не претставуваат ризик за банкарскиот систем.“ – велат од Народната банка.

Вчера Муареми, во емисијата Анализа на ТВ 24 рече дека  финансиската полиција е на добар пат да докаже каде завршиле парите од „Еуростандард банка“, но дека се уште им треба време.

„На почетокот мислевме дека не е толку организирано. Кога веќе почнавме да истражуваме во самата банка и по добиените бнакарски сметки од неколку фирми коишто се сомнителни, и стечајниот управник ги покажа јавно дека се дадени ризични кредити. Кога почнавме утврдивме една голема мрежа која се вплеткани не 140 фирми туку повеќе, но тие се подфирми, како се прелавела парите од една во друга група.“ – изјави Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција.

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка притиска за побрзо расчистување на случајот. Од таму велат дека и после четири месеци од затворањето на банката никој не знае каде завршиле парите, а 3.000 семејства останеле измамени. Банката пропадна зашто речиси 60 милиони евра дадени како кредити не можеле да се наплатат.