Финска е подготвена да војува со Русија ако биде нападната, порача шефот на одбраната

Финска со децении се подготвува за напад од Русија и би пружила силен отпор доколку дојде до тоа, изјави во средата челникот на финските вооружени сили, генерал Тимо Кивинен.

Оваа скандинавска земја изградила голем воен арсенал, но освен воената опрема, според Кивинен, клучен фактор е што во случај на напад Финците би биле мотивирани да се борат.

„Најважната линија на одбраната е онаа меѓу ушите, како што војната во Украина токму го покажува“, вели Кивинен во интервју.

Финска во 1940-те години двапати војуваше со тогашниот СССР, а со Русија има граница долга 1.300 километри. Последните децении двете земји имаа коректни односи, благодарејќи на финската воена неутралност иако финската војска редовно учествува на маневрите на НАТО. Но руската воена интервенција во Украина беше искористена Финска веднаш да побара членство во Алијансата.

Од Втората светка војна, Финска е на високо ниво на воена готовност, вели натаму генералот Кивинен.

„Систематски развивавме сопствена воена одбрана за ваков вид војна којашто сега се одвива во Украина, со масовна употреба на огнена моќ, вооружени и воздушни сили. Украина е тежок залак (за Русија), а би вила и Финска“, рече Кивинен.

Околу 100.000 Финци се убиени во текот на двете војни коишто Финска со релативен успех и долг отпор ги водеше со СССР, но загуби десеттина од територија. Иако прикриено, во Финска потајно се надеваат на враќање на тие територии

Финската нација од 5,5 милиони има борбена воена сила од околу 280.000 војници со 870.000 увежбани резервисти. Не е укинат воениот рок за мажите, како во многу други западни нации по крајот на Студената војна.

За Финска се смета дека ја има една од најдобрите артилерии во Европа, како и крстосувачки ракети со дострел од 370 километри. Троши 2 отсто од националниот БДП, што е повисоко ниво од повеќето земји во НАТО:

Во моментов Финска нарача четири нови воени бродови, како и 64 борбени авиони „F-35“ од американски „Lockheed Martin“. Покрај тоа, Финска планира да нарача 2.000 борбени дронови, противвоздушна опрема и гради бариери на границата со Русија.

Околу 82 отсто од испитаниците кои на 18-ти мај одговарале во анкета за министерството за одбрана, рекле дека би сакале да учествува во националната одбрана, доколку Финска биде нападната.

„Членството во НАТО би ѝ овозможило на Финска да ги зајакне своите капацитети на рано предупредување, така што ќе стане дел од заедничката воздушна контрола на пактот. Финска, исто така, би имала полза од одвраќање со тоа што како членка на сојузот во кој напад врз една членка е напад врз сите. Сеедно, главната одговорноста за одбраната на Финска и натаму ќе ја носи Финска“, заклучува Кивинен.

На барањето на Финска, како и на Шведска, за членство во НАТО се спротиставува Турција, којашто двете скандинавски земји ги обвинува дека им пружаат засолниште и ги поддржуваат курдските и други турски движења, коишто Анкара ги смета за терористички организации.