Финска е согласна да влезе во НАТО без Шведска, дознаваат медиумите

Финска е подготвена да влезе во НАТО без Шведска доколку Турција и Унгарија го ратификуваат протоколот за нејзино пристапување, пишува во понеделникот еден од водечките фински дневни весници IltaLehti, повикувајќи се на своите извори запознаени со темата.

„Таквата ситуација ќе се појави доколку Турција и Унгарија го ретификуваат членството на Финска пролетва, но една од овие две земји не го ратификува протоколот на Шведска за пристапување на Северноатлантскиот сојуз“, пишува весникот.

Оваа информација за IltaLehti ја потврдиле соговорници од надворешнополитичката и безбедносна сфера на земјата, кои не се именувани.

„Мораме да се соочиме со фактот: ние сме пограничен сосед на Русија. Геополитичката позиција на Шведска е многу поразлична отколку нашата“, појаснил еден од соговорниците.

Финска, којашто со Русија има граница од 1.300 километри и историјата на судири до 1945 година, вклучително и како дел од некогашниот Советски сојуз, последните децении одржуваше добри односи со Москва иако одржуваше и тесна воена соработка со западните земји, до почетокот на руската инвазија во Украина.

Доколку се покаже вистинитоста на пишувањето на IltaLehti, тоа ќе значи дека Хелсинки отстапува од своите изјави од минатата седмица.

Највисоките турски челници деновите повеќепати навестија дека Анкара може да го одобри барањето на Финска за членство во НАТО, пред да го разгледуваат ратифукувањето на шведската кандидатура поради неколкуте инциденти кои ја разгневија Турција.

Финскиот министер за надворешни работи Пекка Хаависто пред две седмици прво дозволи можност за продолжување на разгледувањето на апликацијата на земјата за членство во НАТО засебно од Шведска, но потоа ја повлече изјавата и рече дека останува на првичниот план да влезе во Алијансата истовремено со соседната земја, тврдејќи дека безбедноста на двете земји е заемно зависна.

Минатиот четврток финската премиерка Сана Марин на заедничката прес-конференција со шведскиот колега по должност Улф Кирстерсон во Стокхолм потврдија дека двете земји остануваат доследни на истовременото пристапување во НАТО и покрај жестокото противење на Турција на шведската кандидатура.

Барањата за приклучувања на двете земји во НАТО досега ги ратификуваа 28 од 30-те земји членки, освен Унгарија и Турција. Будимпешта најави дека барањето ќе го потврди веројатно во февруари, додека Анкара ратификацијата на пристапувањето го поврзува со исполнувањето на трипартитниот меморандум потпишан ланското лето со Стокхолм и Хелсинки.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган токму пред две седмици првпат навести а минатата среда повтори дека турскиот парламент би можел да го ратификува договорот за пристапување на Финска но не и на Шведска, иако двете нордиски земји заеднички го започнаа пристапниот процес.

Турција е навредена од Шведска поради неодамнешните јануарски одобрувања за организирање собири прво на курдските активисти во близина на турската амбасада во Стокхолм на кој беше наопаку обесена кукла со ликот на турскиот претседател Ердоган а една седмица подоцна и на данско-шведскиот антиисламски екстремист Расмус Палудан на истото место на кој беше запален Куранот, светата книга на муслиманите.

Покрај тоа, Шведска преку својот правосуден систем се противи на Турција да ѝ ги предаде лицата кои турските власти ги обвинуваат или сомничат за терористички активности против земјата, од страна на Работничката партија на Курдистан (PPK) која води сепаратистичка борба од 1980-те години а е на листите терористички организации на ЕУ и САД. На листата на околу 130 лица кои ги бара Анкара се и приврзаници на движењето FETO на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД, а е обвинето за организирање на неуспешниот воен преврат од јули 2016 година.