Финска ги затвора сите гранични премини со Русија на две недели

Финска ќе ги затвори сите гранични премини со Русија на две недели, откако голем број баратели на азил ја минаа границата, објави денеска финскиот премиер Петери Орпо.

„Ова се случува поради активностите на Русија и ние не го прифаќаме тоа, изјави Орпо на прес-конференцијата, пренесе „Хелсингин саномат“. Двонеделното затворање на границата ќе стапи на сила ноќта меѓу среда и четврток и ќе трае до 13 декември, објави весникот.

Потегот на Хелсинки уследи по одлуката на европската гранична агенција Фронтекс минатата недела да распореди граничари и друг персонал за да ги засили контролите на границите на Финска поради обвинувањата дека Москва го охрабрува протокот на мигранти, пишува Политико.

Тензиите меѓу двете земји ескалираа откако Москва ја започна својата инвазија на Украина, што ја натера Финска да се приклучи на воената алијанса на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера ја обвини Русија дека ја користи миграцијата како средство за притисок врз Финска.

Кон крајот на минатата недела, финскиот весник „Илталехти“ објави дека руските амбасади почнале да им издаваат визи на луѓето од Рогот на Африка за да влезат во Русија, а потоа со помош на безбедносните служби ги преместуваат на финската граница.

Кремљ постојано ги негираше тврдењата, а руското Министерство за надворешни работи соопшти дека претходната одлука на Финска да затвори серија гранични контролни пунктови со Русија е „недвосмислено провокативна“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.