Премиерите на земјите кандидати за НАТО Шведска и Финска денеска треба да се сретнат Стокхолм, еден ден откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Хелсинки може да добие зелено светло од Анкара, но не и Стокхолм за влез во Алијансата.
Финската премиерка Сана Марин е првата шефица на влада што ќе биде примена од нејзиниот шведски колега Улф Кристерсон откако тој ја презеде функцијата минатата есен.
На состанокот најверојатно првенствено ќе се разговара за закочениот процес на приклучување на двете нордиски земји во НАТО.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во мај 2022 година, но Турција го блокира процесот.
Турскиот претседател Ердоган вчера рече дека неговата земја позитивно гледа на барањето на Финска за членство во НАТО, но не ја поддржува кандидатурата на Шведска.
– Нашиот став за Финска е позитивен, но што се однесува до Шведска, не е, рече Ердоган во врска со обидите на двете земји да се приклучат на Северноатлантската Алијанса.
Анкара својата поддршка за двете земји ја условува со екстрадиција на „терористи“, главно Курди. Таа бара Хелсинки и Стокхолм да заземат особено строг став кон членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, и втора група која ја обвинува за обидот за пуч во 2016 година.
Трите страни во јуни минатата година постигнаа договор во Мадрид за целите, но Анкара ги прекина разговорите минатиот месец откако се зголемија тензиите кога десничарски екстремист запали Куран во близина на турската Амбасада во Стокхолм.
– Шведска во моментов не треба да се труди со обидите да ја добие нашата согласност. Нема да дадеме потврден одговор на нејзиното барање сè додека тие дозволуваат палење на Куранот, рече Ердоган.
Финска веќе неколку пати кажа дека би сакала да влезе во НАТО заедно со Шведска.