Фирма блиска до власта по ниски цени купува дрво и после им продава скапи пелети на граѓаните

Фирма блиска до власта набавува дрво од опожарените региони по смешни суми од 300 до 500 денари, а потоа произведува пелети и истите ги продава скапо над 500 денари од вреќичка, во  ситуација кога граѓаните мака мачат да најдат огревно дрво или пелети, вели Цветан Трипуновски  претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, за „Што не е јасно” на Алфа.

–  Ја запознав јавноста дека фирма блиска до власта има ексклузивно право да склучи договор со ЈП Македонски шуми за сеча на опожарените шуми и  замислете дека набавката, плаќањето на дрвната маса е по смешни цени од 300 до 500 денари за метар кубен, кога граѓаните се во паника да најдат евтин пелет или да набават дрво за огрев, имаме фирма која зема илјадници метри кубни дрво од државните шуми, произведува пелети и ги продава низ Македонија по цена над 500 денари за вреќичка. Ова е смислено сценарио како да ги навлечат граѓаните, да се грејат на овој енергенс и да плаќаат високи суми – рече Трипуновски.

Трипуновски посочи дека Македонски шуми има улога да ги снабди граѓаните со огревно дрво  и дека треба да донесе годишен план за работа за која маса на огревно дрво да се испорача, но оваа година проблем е реализацијата.

ЈП Македонски шуми на почеток на годината треба да распише тендери за сеча, дотур и транспорт на огревно дрво до подружниците.  Првиот тендер кој е објавен во втори месец е поништен, потоа има реобјавување во март и тој е поништен, во јуни месеци има реобјава и пак поништен и веќе во август има избор на фирма. Зошто вака, тоа е за додека не им се наместиле коцките за конкуренцијата да биде елиминирана. Доаѓаме до септември и нема време за реализација на годишниот план и Македонски шуми не може да испорача, истакна Трипуновски.

Тој посочи дека поради ова иако цената на метар кубен на огревно дрво за даб е 2.870, додека за бука 3.980, сега во услови кога Македонски шуми нема доволно дрва маса, приватните складови се полни и цената е 5.000 денари по метар кубен.

– Ова е договор во четири очи како да се профитира врз грбот на граѓаните. Сега има полни приватни полни складови, во Македонски шуми нема и граѓаните се приморани да одат во приватните. Сега имаме ситуација пелетот енормно да скокне и владата гледа бонбона бизнис. Една фирма која ја спомнав Еко Лајф ДООЕЛ која има блиски релации со власта има ексклузивно право да склучи неколку договори со Македонски шуми. Ако направиме математика доаѓаме преку 200 милиони денари кои ќе ги направи фирмата. Тоа е огромен профит – нагласи Трипуновски.

Во врска со пченицата тој истакна  2-3 фирми кои ги добиле тендерите направиле милионска сума профит преку набавка на српска пченица.

Како што појасни Агенцијата за стокови резерви распишала два тендери по два лота за набавка на секој лот по 5000 тони пченица, симптоматично се јавуваат 2 или 3 фирми.

– Едниот го добива фирма од Тетово Кока Е Арт за 5.000 тони, за сума од 128.310.000 денари околу 2,1 милион евра, а потоа другиот лот го добива фирма Агроглобал за 5.000 тони и тоа за сума од 138 милиони денари, околу 2,2 милиони евра. За месец и половина повторно е Кокра е арт, и сега Млин Аргулица. Вкупната сума која е потрошена за овие фирми е 532 милиони денари, односно околу 9 милиони евра.  Проблемот е тоа што оваа пченица е со српско потекло и ако ги отворите берзите во Нови Сад ќе видите дека се тргува по 20,5 денари, а оваа пченица е купена по 26 денари, а другите договори по 27 денари за килограм пченица – рече Трипуновски.

Тој нагласи дека плаќаме српска пченица од 27 денари во време кога цената на берзата е 20,5 денари, а македонската пченица се продаде за просек 17,5 до 18 денари.

– Значи имаме ситуација каде што овие 2-3 фирми прават сериозен профит. Ако се направи математика, со транспортот испаѓа дека треба да платат 22,5 денари, а до 27 има профит по килограм и добиваме дека е направен сериозен профит од илјадниците тони. Испаѓаат 1,4 милиони евра има профит кој ќе го поделат овие фирми.  Цехот ќе го платат граѓаните – рече тој.