Фирмата што злоупотребила најмногу државни пари, го гради автопатот Кичево-Охрид

Фирмата „Викторија Инвест“ од Албанија со седиште во скопската општина Карпош, која што добила најмногу пари од државата, а не им исплатила на своите вработени е истата фирма која што работи и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид како подизведувач. Но името на истата фирма се поврзува со уште еден скандал. „Викторија Инвест“ преку подружницата во Струга пред неколку години заработила и кривична пријава поради тоа што вршела нелегален ископ на минерални суровини во Дебрца, објави ТВ24.

Според листата што ја објави Владата, оваа фирма зела над 600.000 денари за 86 вработени, а не им исплатила ниту денар.

Меѓу фирмите кои што се најдоа на листата на УЈП за неисплатени минимални плати од државната помош се и три компании кои што добиле пари од Фондот за иновации. Од Фондот веќе соопштија дека ја сопираат реализацијата на проектите.

Според информациите од Владата, од објавувањето на скандалот од страна на УЈП до сега само 30 фирми им ги префрлиле парите на сметките на вработените.

Целокупната листа со фирмите е испратена и до Светската банка, која што и позајми дел од парите на државата за да им се помогне на работниците во време на корона кризата. Од таму велат дека освен што фирмите ќе треба да ги вратат парите, ќе бидат и дел од истрага што ќе ја спроведе Светската Банка.