Фирми во кои Вице Заев бил косопственик со години должат околу милион евра

Фирмите Сара инженеринг, Сара јавор и Дравас, сите со седиште во Струмица во кои во одредени периоди косопственик бил Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев, со години се на листата на должници која УЈП ја објавува за неплатен ДДВ, данок на добивка и персонален данок. Вкупно трите фирми, според последните листи на должници на УЈП објавени во февруари и март, должат нешто повеќе од еден милион евра, објави МКД.

Според последната, мартовска листа на должници фирмата Дравас должи 43.230.711 денари, што е за 167.123 денари повеќе од минатиот месец. Сара инженеринг должи 19.104.372 или повеќе за 894.201 денари од февруари. Долгот на Сара јавор е 2.189.693 денари. Трите фирми должат вкупно 64.515.776 денари или околу 1,05 милиони евра.

Долгот кон државата на овие три фирми се провлекува и во периодот кога тие беа активни, а и сега во последните неколку години кога веќе не се активни.

Според Законот за даночна постапка, УЈП има обврска да ги блокира сметките, ако треба и имотот за да го наплати долгот. Голем број и на други фирми поврзани со семејството Заеви должат на овие три фирми, Сара јавор инженеринг, Сара инженеринг и Дравас, ама не ги подмируваат долговите.

Според законот, сопствениците на фирмите можат да одговараат и со сопствен имот, односно УЈП има право да си го наплати долгот и од личниот имот на сопствениците.

Сопственици, косопственици, управители…

А кога сме кај сопствениците на овие фирми, од 2009/2010 година кога се основани, во Централниот регистар постојано се менуваа и сопствениците и управителите. Во трите фирми продефилираа дваесетина лица кои беа сопственици, косопстевници и управители.

Сара јавор инженеринг е регистрирана како друштво за градежништво, со дејност изградба на станбени и нестанбени згради, а единствен сопственик тогаш беше Марија Крстева, а управител Драги Цикарски. Подоцна управител станува Сашко Брндевски и Данче Иљашова – Атанасова. Во 2010 година како косопственик се јавува Митко Љочев. Таа година се додава и нова дејност: товарен патен транспорт. Се појавува и нов сопственик – Симеон Крстев и Горан Крстев, како содружници. На 5 јули 2013 година, доаѓа до промена на основачите и нови сопственици на Сара јавор инженеринг стануваат Митко Љочев и Горан Крстев со влог од по 1.015.000 денари и Вице Заев со влог од 2.030.000 денари. Во 2014 пак доаѓа до промена на сопствеништвото – Горан Крстев, Митко Љочев, Димитар Цикарски и Ристо Кречев, а го нема Вице Заев. Како последен управител на оваа фирма, според документите од Централен регистер се јавува Александар Барабановски.

Фирмата Дравас инженеринг е основана на 7 август 2009 година како друштво за производство, трговија и услуги со основна дејност изградба на станови и нестанбени згради. Единствен сопственик и управител тогаш е Драги Василев. Веќе во декември истата година косопственици на Василев стануваат Митко Љочев, Бранко Стамболиски, Горан Крстев и Вице Заев. Од мај 2010 година единствени сопственици се Горан Крстев и Симеон Крстев. Од 2015 година сопственици на Дравас стануваат Драги Василев, Зуље Јанева, Бранко Стамболиски, Горан Крстев, Цена Хаџијска. Во декември истата година единствени сопственици се Митко Љочев и Ристо Кречев. Во 2017 се појавува ново име, управителка на фирмата станува Анита Камческа. Oд 30 април 2019, во регистарот е запишан нов управител – Горанчо Коцев. Во август истата година фирмата добива уште еден управител – Александар Трајковски, кој од август 2020 година останува единствен управител. Од април 2021 година, со решение на Основниот суд во Прилеп привремен управител за шест месеци станува Цена Хаџијска.

Сара инженеринг – основана 9 септември 2009 година од управителите Ѓорѓи Кечев и Митко Љочев. Од 1 август 2010 сопственици се Митко Љочев, Бранко Стамболиски, Вице Заев и Горан Крстев. Од мај 2010 го нема Горан Крстев, влегува Симеон Крстев. Септември 2010 се враќа Горан, а Симеон се брише. Декември 2010 управител е Сашко Брндевски, а се брише претходниот управител Ѓорѓи Кечев. Во април 2016 на листата на сопственици се додава Ристо Крчев и Сашко Брндевски, а се избришани Бранко Стамболиски, Горан Крстев и Митко Љочев. Во април 2016 Брндевски станува еден од управителите, а веќе во јуни го нема. Како еден од управителите се појавува и името на Драган Станојевиќ. Во февруари 2021 Горанчо Коцев веќе не е управител, од листата на сопственици е избришан и Вице Заев, а додаден е Зоран Марковски. Од јануари 2021 управител пак е Горанчо Коцев.

Долговите на Сара инженеринг во листата на УЈП почнуваат да се регистрираат од 2015 година (7.658.327 за ДДВ), па во 2016 година (21.614.968 денари за данок на добивка). Септември 2017 година долгот е 19.836.488 денари за данок на добивка, а во октомври 2021 долгот за данокот на добивка е 19.710.315 и за ДДВ 8.678.189 денари.

Дравас во април 2021 година должи -26.829.410 денари за ДДВ и 14.712.468 денари за данок на добивка. Истите бројки се и во септември 2021 и со мали измени и во февруари 2022 година.

Дравас во февруари 2019 за данок на добивка должи 17.272.926 денари. Октомври 2021 14.712.468 денари за данок на добивка и за ДДВ 27.587.033 денари.

Повеќе прочитајте на МКД