Фирмите се жалат за загуби поради коронавирусот, засега нема парична помош

Засега не е договорена конкретна парична помош за компаниите кои би претрпеле економски загуби од коронавирусот, но и поради превентивните мерки што ги наложи Владата, а кои секако дека носат застој во бзинисот и ќе резултираат со финансиски последици.

Ова важи и за компаниите чии вработени имаат деца помали од 10 години и кои не треба да доѓаат на работа во следните 14 дена, со оглед што не работат градинките и училиштата.

А бизнис секторот денеска се пожали дека стравува за својата иднина. Некои велат и дека се пред колапс.

Угостителите реагираат дека неработењето после 18 часот на локалите и рестораните ќе им го намали сериозно прометот и приходите, што го доведува во прашање нивното егзистирање. На нозе, според сознанијата, се кренале и компании кои се добавувачи на угостителските објекти, и нивното работење и промет драстично ќе се намали, па можни се и непопуларни мерки.

Бинзис секторот веќе бара од Владата итно да преземе дел од товарот на компаниите, за да им помогне да го истуркаат овој тежок период, за кој е незивесно колку ќе трае. Нивно образложение е дека тоа го направиле сите европски земји.

Првиот човек на Германското стопанско здружение во земјава, Патрик Мартенс, денеска постави прашање до Владата кој ќе ги исплаќа платите на работниците што нема да доаѓаат на своите работни места овие две недели, односно дали тоа ќе биде на товар на државата или на самите приватни компании.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на оваа загриженост одговори дека профитот не треба да биде поважен од здравјето на граѓаните. Тој објасни дека Владата засега нема да стартува со некоја конкретна мерка со која би им помогнала финансиски на компаниите, но доколку и после овие две недели продолжи забраната за работа на градинките и училиштатата, сигурно дека ќе се разговара и за такви мерки.

„Имаме одлуки за Владата и препораки за реалниот сектор, за приватните компании. Секако дека одговорноста треба да биде на сите нас. Кога говорам дека ништо не е поважно од здравјето и животот на граѓаните, тоа значи дека и профитот не е поважен. И тој што мисли дека ќе може да профитира во вакви услови на било кој начин, ќе нема успех во тоа. Така што, доколку имаме состојби во кои треба да се испочитуваат овие препораки и нема начин на кој би биле згрижени нивните деца, ако има притисок врз работниците или скратување на нивните права, треба да се обратат до надлежните инспекторати. Оваа мерка важи до 24 март. До тогаш има можност и начин како тоа да се изменаџира за тие 14 дена. Сега не почнуваме со некоја економска мерка која може во ова да го помогне, бидејќи навстина нема потреба од тоа. Но доколку имаме зголемен период на продолжување на забраната за училиштата и градинките, секако дека ќе се развијат и такви мерки“, порача вчера Спасовски.

Тој беше дециден и дека засега нема потреба од тоа да се свика Парламентот со цел да се гласа ребаланс на буџетот, како последица на изменетите економски услови поради коронавирусот, потенцирајќи дека буџетот е во добра кондиција, а фискалните политики се стабилни.