Fitch го потврди постојниот кредитен рејтинг на Македонија на „ББ“

Меѓународната агенцијата за кредитен рејтинг Fitch соопшти дека го потврдува постојниот кредитен рејтинг на Македонија на ниво „ББ“ со „негативна можност“, соопшти денеска Министерот за финансии.

Според соопштението на Министерството за финансии, на потврдата на рејтингот влијаеле кредибилната, монетарна и макропрудентна политика, кои овозможиле долготрајна стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски раст.

„ Економскиот раст за 2017 година е ревидиран на 2,3 отсто, но се оценува дека формирањето на Владата ќе резултира со подобрување на економските очекувања и активност и следствено ќе овозможи просечен раст од 3,2 отсто во 2018/2019 година. Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз веќе растечкиот тренд на државниот долг, со 39,9 проценти во 2017 година тој е проектиран значително под просекот на 49,5 отсто од БДП на земјите со сличен кредитен рејтинг“, наведува министерството.

Fitch во извештајот нотира дека пролонгираната политичка криза е надмината со формирањето на новата влада. Притоа, се оценува дека „Планот 3-6-9“ на Владата за политики ориентирани кон членство во НАТО и ЕУ и враќање на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции се соочува со значајни предизвици во имплементацијата. Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, додека локалните избори ќе претстават првичен тест за напредокот на владата.

„Потврдата на негативниот изглед ги одразува оценките на Fitch дека и покрај формирањето на новата Влада, сѐ уште постојат политички ризици за ефективно водење и имплементирање на економските политики, повисок раст и напредок кон ЕУ“, стои од соопштението на министерството.

Во извештајот на Fitch се наведува и дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат позначајното намалување на политичката неизвесност, како и имплементацијата на кредибилна среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во бруто домашниот производ (БДП).

Наспроти тоа, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат повторувањето на политичката нестабилност, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски како и проширувањето на надворешните нерамнотежи.