Фитнес центрите остануваат затворени и без показатели за нивото на пренос на заразата во нив

Македонскста влада и натаму ги држи затворени фитнес и спортските центри без статистика дека таму се пренесува вирусот, додека светските искуства се сосема поразлични, пишува порталот Фактор.мк.

Владата одлучи да ја прифати препораката и од завчера го намали полицискиот час. Дополнително се зголеми работното време на угостителските објекти на отворените тераси. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека нови ублажувања на рестрикциите може да се очекуваат од следната седмица, ако продолжи трендот на намалување на новозаболените и на хоспитализациите. Сепак, беше категоричен дека и покрај барањата, рано е за отворање на фитнес центрите и теретаните.

Ова тврдење предизвика огромен револт кај сопственците на клубовите за вежбање. Тие и лани пролетта кога почнаа да се олабавуваат рестрикциите останаа последни во редот за отворање. Сега повторно прашуваат дали има оправданост одлуката фитнес центрите да бидат затворени. Не е познато дали има каква било статистика, иако до сега никој не ја презентирал, но според странските, преносот на коронавирусот во фитнес салите е реткост.

Претставници на фитнес центрите во земјата имаат податоци од фитнес федерациите во повеќе држави и врз основа на нив го темелат ставот дека е непоравдано теретаните да се држат затворени.

„Одлуките кои се донесуваат кај нас засега ги стимулираат претежно пороците, односно – отворени се казина и кладилници кои всушност никогаш и не беа затворени, како и ресторани и барови со работно време до 22:30 часот. Но затоа невозможно е да појдеш во фитнес сала грижејќи се за своето здравје, или да посетиш некој културен настан, музеј и слично, каде што сметам дека културата и почитувањето на протоколите за заштита од коронавирусот се на далеку повисоко ниво“, вели за Фактор, Надица Костадиновски, менаџер на Синерџи фитнес.

Инаку во Австралија од 6,26 милиони check-ins во 423 фитнес сали низ Нов Јужен Велс во периодот од 13 јуни до 11 август 2020 година, пријавени биле 13 случаи на Ковид 19, но во нив немало ниту еден случај на трансмисија во фитнес објект.

Во Англија пак од 8 милиони check-ins во периодот од 25 јули до 16 август, пријавени биле 17 позитивни случаи, и ниту една трансмисија во тие 1.300 фитнес сали каде е спроведено истражувањето.

САД имале најобемно истражување во кое биле опфатени 2.873 фитнес сали. Од 49,4 милиони check-ins на членовите документирани во студијата, пријавени се 1.155 случаи, што се сведува на стапка на инфекција од 0,0023 проценти. И повторно, ниту еден од случаите не довел до локална трансмисија во фитнес сала.

Според владините податоци кои доаѓаат од извештајот за надзор на јавното здравство во Англија, во една недела 107.046 лица кои биле позитивни на коронавирус биле упатени за следење на контакт. Од нив, 2,8 отсто пријавиле дека во последните 7 дена биле во фитнес центар (меѓутоа не можат со сигурност да тврдат дека се заразени таму), додека во супермаркет пријавиле  11,2 отсто, а пабовите и баровите се застапени со 7,4 проценти.

Фактор веќе пишуваше дека поради тоа што се затворени фитнес центрите граѓаните се снаоѓаат и на отворено вежбаат на надворешните справи по скопските паркови. Во градот и во локалите повторно почна да се создава гужва, а бројот на новозаболени засега има надолен тренд.

Лани по првичната појава на вирусот и рестрикциите во март и април, Владата го остави отворањето на спортските центри, базените и фитнес центрите за третата фаза од олабавувањето на мерките по препорака на Комисијата за заразни болести. Спортот остана на чекање, а центрите под клуч пет месеци додека први беа отворени моловите и угостителските објекти.