ФИТР презентира 48 проекти од повикот „Стартапувај“

Од досегашните 48 проекти што добија финаниска помош преку повикот „Стартапувај“, на Фондот за иновации и технолошки развој, ФИТР, отворени се 45 работни места со просечна плата од 462 евра.

Создавање уникатни дизајнирани производи што може да бидат користени од лица со делумно или целосно оштетен вид, развивање напредна технологија за безпочвен систем за производство на билки кои се користат во фармацевтската индустрија, иновативен уред наменет за велосипеди кои ги трансформира во електронски, се само дел од проектите што беа презентирани вчера вечер во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

– Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска банка обезбеди средства во висина од 1,8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти“, рече премиерот Заев.

– Амазон, Фејсбук, Тесла, Епл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап-компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно“, порача Анѓушев.