ФК Вардар со ново раководство за враќање во најсилната лига

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, сопственикот на Блу Скај инвесмент (Blue sky investments), Слободан Крстевски и Самоил Симев, поранешниот директор на ФК Вардар, денеска одржаа прес-конференција за преземањето на фудбалскиот клуб Вардар од компанијата Блу Скај.

– На мое огромно задоволство, можам и официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Градот Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што всушност успеваме да обезбедиме извесна иднина за ФК Вардар, како една од најголемите спортски институции во нашава земја. Станува збор за фирмата Блу Скај инвесмент која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик – кажа градоначалникот Шилегов.

Новиот инвеститор ја презема обврската во целост да ја рехабилитира екипата и што е можно побрзо тимот да се врати во првата фудбалска лига.

– Сите долгови кои се настанати во меѓувреме, кон сите коминтенти и играчи, во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, што е дел од новиот договор. Во наредниот период јас со гордост ќе можам да побарам од Советот на Град Скопје, на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на месец август, овој договор да биде одобрен, како од надлежен орган кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК Вардар – додаде Шилегов.

Поранешниот директор на ФК Вардар, Самоил Симев на прес-конференцијата рече дека сите оние кои имаат побарувања кон ФК Вардар, ќе бидат исплатени во рок од еден месец од потпишувањето на договорот.

– Коминтентите би биле исплатени во рок од еден месец по потпишување на договор. Ова е се добро испланирано, искоординирано и веќе долг период разговарано. Како услов, следува префрлување на корисничкото право на тренинг кампот, со што Вардар ќе си го задржи својот дом. Една голема благодарност за г-нот Самсоненко за сите вложувања, и до градончалникот за решение на Вардар. Да му посакам на новиот инвеститор многу среќа, тука сум да помогнам за се што треба – рече Симев.

Сопственикот на Блу Скај инвесмент, Слободан Крстевски истакна дека има големи планови за Вардар.

– Благодарност до сите кои се ангажираа Вардар да биде исправен на некакви здрави нозе и да функцонира. Благодарност до градоначалникот Шилегови и до старите сопственици. Имаме големи планови, можеби уште поголеми од минатите сопственици. Во преговори сме и со странски и со домашни инвеститори, за кога Вардар ќе се врати во Прва лига, да инвестираат во клубот. Планираме да ангажираме и некои лица во Вардар кои во минатото играле за тимот и од тука, но и од странство – изјави Крстевски.

Долговите кон коминтентите се околу 2,4 милиони евра. Договорот со „Блу Скај Инвенстмент“ ќе биде од март 2022 година.