Фокус: Кои се луѓето што ѝ го „штитат“ грбот на Арсовска?

Неделникот Фокус објави список на луѓе што влегле во Градот Скопје по преземањето на Данела Арсовска на локалната власт. Иако, сите се анонимни ликови, сепак зад себе имаат „кариери“ и „богати биографии“ во државните институции или, пак, во приватниот сектор. Според документите, дел од тие луѓе се истите што се најдоа и на листата за нови членови на евалуационите комисии за тендерот за пречистителната станица од 136 милиони евра предложени лично од актуелната градоначалничка.

По заминувањето на поранешниот прв човек на Скопје, Петре Шилегов, експресно дојде целосно нова екипа, предводена од Арсовска.

Со брзината на светлината беа заменети сите што не се по нејзин терк, но тоа не е ништо спорно, со оглед на тоа дека луѓето од доверба се првите што ги заземаат челните позиции по доаѓањето на новата локална власт. Некои таа ги избрка, некои беа принудени сами да си заминат.

ПОВЕЌЕ ОД 15 БЛИСКИ ЛУЃЕ Ѝ ГО „ШТИТАТ“ ГРБОТ

Без разлика на тоа што Арсовска веќе една година управува со Град Скопје, сепак досега никој нема информации – кои се луѓето во заднина, поточно кои се тие што ѝ го штитат грбот. Досега, нема никакви официјални податоци кој сѐ влезе во Кабинетот на актуелната градоначалничка.

„Фокус“ дојде до списокот на луѓе што почнале со работа во Градот веднаш по нејзиното преземање на локалната власт. Иако, сите се анонимни ликови, сепак зад себе имаат „кариери“ и „богати биографии“ во државните институции или, пак, во приватниот сектор. Станува збор за околу 15 до 20 нејзини најблиски соработници, со кои години наназад има и приватни и бизнис-релации.

Дел од нив доаѓаат од Сојузот на стопанските комори, со кој управуваше Арсовска пред да стане градоначалничка. Нашите извори уште тврдат дека дел се и блиски до Драган Митковски, кој бил потпретседател на финансии во ССК и во заднина е десна рака на Арсовска.

Повеќето од нив можат да се видат во нејзина придружба и на фотографии на митинзи, за време на изборната кампања, славењето на победата, како и на заеднички настани.

Еден од нив е Зоран Глигоров, кој лани го именува за шеф на нејзиниот Кабинет, а сега пред неколку недели го награди со нова функција, поточно стана нов генерален секретар на Град Скопје, откако претходно го разреши Ѓоко Велковски, кој доаѓаше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Глигоров можеше да се забележи  во нејзина близина и кога упадна на прес-конференцијата на поранешниот директор во просториите на „Водовод и канализација“, сакајќи уште еднаш да го обвини дека го местел тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица.

Според нашите информации, на денот кога Перински најавил прес, таа не очекувајќи го тоа, била толку револтирана што влегла во институцијата, викала на дел од вработените и го барала првиот човек на институцијата.

Како втора на списокот може да се најде Маја Рисова, која откако дошла во Град Скопје, работи како нејзина асистентка. Името на Рисова се најде и на листата во евалуационите комисии за надзор на изградбата на пречистителната станица, откако Арсовска реши да ги смени претходните членови.

НЕ ГИ ПРОДОЛЖУВА ДОГОВОРИТЕ НА ВМРОВЦИТЕ

На листата донесена од градоначалничката се наоѓа и Данче    Кољекеска, која е лична секретарка на Арсовска. Според нашите информации, таа е внука на Митковски, за кој, како што веќе објавивме, е еден од најблиските нејзини соработници.

Тука може да се најде и името на Ѓорѓи Грковски, кој од нејзина страна е поставен за раководител на Секторот за општи работи. И тој бил член на Сојузот на стопанските комори, а се најде и на листата во комисијата за надзор на изградба на пречистителната станица, како еден од новите членови поставен од страна на градоначалничката.

Исто така, со доаѓањето на Арсовска на оваа позиција од редовите на ССК доаѓаат двајцата близнаци Јане и Бране, кои во моментот се задолжени за ревизија во Град Скопје. Во таа екипа влегува и Звонимир Цветановски, за кој нашите извори тврдат дека е раководител во Секторот за урбанизам, а, исто така, е дел од евалуационата комисија за избор на изведувач на објектот „Изградба на станица за пречистување отпадни води.

Сите оние што градоначалничката ги донела за време на нејзиниот мандат се и луѓе што таа бараше да се стават во комисиите за спорниот милионски тендер. Имено, не само што бараше, туку веќе имаше испратено и допис до „Водовод“ на само неколку дена пред официјалното отворање на финансиските понуди.

Меѓу нив беше и Елизабета Јовановска, која исто така работела во Сојузот на стопанските комори, но во мај годинава си заминала од таму.

Во мандатот на Арсовска, таа како свој кадар го донела и Сашо Димиќ, кој бил вработен како шеф на кабинет на почетокот на нејзината градоначалничка кариера. Меѓутоа, како што тврдат нашите извори, тој подоцна бил отпуштен.

Димиќ на јавноста ѝ е познат уште одамна по неколку скандали поврзани со него, а тука е кривичната пријава поднесена во 2011 година, кога како поранешен в.д. градоначалник на скопски Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година ставил потпис на одобрение за употреба на градежен објект-зграда, со што извршил противзаконско примопредавање на објектот.

Во тој период, од тогаш опозицискиот СДСМ тврдеа дека против него имало над 14 кривични пријави.

Но, тоа не е сѐ. Тој во 2012 година беше директор и на ЈСП, од каде што поднесе оставка откако јавно беше осомничен дека претепал вработена од претпријатието. Со само еден клик, сите овие податоци можат да се најдат во архивите на медиумите.

Сепак, калимерата меѓу Димиќ и Арсовска се расипала, па тој повеќе не е дел од нејзиниот тим. Но, благодарение на него има уште едно кадровско решение, извесна Каролина, која е до Трајко Славевски  во Советот на Град Скопје.

Тоа што е чудно во целата приказна е што многу од луѓето што дојдоа по нејзиното преземање на функцијата, уште побргу и си заминаа. Не само тие што биле дел од екипата на претходното раководство, туку и тие што лично ги донела самата.

За краток период се сменија и неколку портпароли, а во една пригода, таа призна дека не може да најде некој што ќе ја води Службата за односи со јавност, па поради тоа не е транспарентна со медиумите.

Како што дознава „Фокус“, во моментов, во нејзината екипа се и пет лица што доаЃаат од најголемата опозициска партија, а чиј договор на дело завршува до 30 септември годинава. Нашите извори тврдат дека по кавгата со вмровците, Арсовска воопшто нема намера да им ги продолжи договорите. Но, според нашите информации, двајца од нив веќе ги отпуштиле.

Рамка1:

СОРАБОТКАТА МЕЃУ АРСОВСКА И ИВЧЕВА

 Сепак, скопската градоначалничка, освен внатрешни, има и надворешни соработници, кои се ангажирани на одредени проекти.

Според документите со кои располага „Фокус“, една од надворешните соработници со кои склучила договор Арсовска е Наталија Митовска, сопственичка на продукцијата „Трипл Диџит Продакшн“, која од Град Скопје е ангажирана да го реализира проектот „Ритам на чаршијата“ во вкупна парична вредност од 22.764 евра во времетраење од една година.

Според договорот, додека трае проектот, Митова ќе добива по 55.000 денари на месечно ниво.

Можеби на јавноста не ѝ е позната по презимето Митовска, но затоа повеќето ја знаат како Наталија Ивчева, која заедно со својот сопруг Александар Митовски стојат во заднина на порталот „Инфомакс“, каде што предвреме беше објавен текстот за разрешувањето на директорот на „Водовод“.

Познато е дека Арсовска во последните месеци на јавноста ѝ се обраќа преку овој портал, каде што дава отчет за сработеното.

Сепак, Ивчева многу години наназад беше во политиката, поточно низ годините беше член на повеќе партии, ВМРО-ДПМНЕ, па Обединети за Македонија под раководство на Љубе Бошкоски, за повторно да се врати кај вмровците.

Истовремено, во тој период имаше и неколку функции. Но, во последниот период може да се забележат нарушените односи меѓу опозиционерите и Ивчева. Според објавите на порталот „Инфомакс“, тие целосна поддршка ѝ даваат на актуелната скопска градоначалничка.

Рамка2:

НОВИОТ ДИРЕКТОР НА „ВОДОВОД“, ЧЛЕН И НА УО НА ЈП „УЛИЦИ И ПАТИШТА“

Новоименуваниот директор на скопски „Водовод“, Марјан Митовски, според нашите сознанија, е член на УО на ЈП „Улици и патишта“, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Директорот Марјан Митовски е член на УО на ЈП „Улици и патишта“ и, согласно законските прописи, тоа е директен судир на интереси на функциите. И потребно е директорот да биде разрешен и да се почитува Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како во Македонија, така и во службите на Градот Скопје, а за истово, како советничка група, ќе поднесеме и претставка, рече Митева.

Рамка3: