„Фолксваген“ ќе продава во Европа исклучиво електромобили до 2035 година

Европа ќе биде првиот континент каде „Фолксваген“ ќе продава исклучиво автомобили со електрични мотори. И, тоа е најавено за помалку од 15 години.

Во последните соопштенија за печатот, директорот за продажба на автокомпанијата, Клаус Зелмер ги откри најновите планови на брендот за целосна електрификација. Според нив, германскиот гигант најдоцна до 2035 година, веќе нема да им нуди на клиентите во Европа модели што се напојуваат со внатрешно согорување.

По спроведувањето на плановите во Европа, целосната електрификација на „Фолксваген“ ќе се изврши и во Северна Америка и Кина, а потоа и во земјите од Јужна Америка и Африка каде се уште не се подготвени за електрични автомобили поради политички и инфраструктурни околности. На глобално ниво, оваа автокомпанија смета дека целосната електрификација на нивните модели ќе заврши до 2050 година.

Со последните објавени планови, „Фолксваген“ се приклучи на неколкуте автомобилски компании што претходно најавија дека следните десет години ќе се откажат од моторите со внатрешно согорување, а времето ќе покаже како се тоа ќе изгледа во пракса.