Фон дер Лајен: Без решен спор со Бугарија, не може Македонија да почне преговори со ЕУ

Северна Македонија не може да започне разговори за членство со Европската Унија доколку не го реши спорот со Бугарија.

Ова го изјавила претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на средбата со македонскиот премиер Зоран Заев

Инаку, македонскиот премиер е во дводневна посета на Брисел и веќе се состана и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеjи.

Заев повторил и на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен дека Македонија нема намера да започне преговори за македонскиот идентитет и јазик. Сепак, пишуваат од BGNES.bg, овие два услови не се појавуваат меѓу барањата на Софија, од каде секогаш и на сите нивоа се изјавувало дека нема никакви претензии кон македонскиот идентитет и јазик.

Портпаролот на ЕК, Ерик Мамер истакна дека Фон дер Лајен ја потврдила својата поддршка за започнување разговори со Северна Македонија, но истите не може да започнат без согласност на Бугарија.

Европската комисија изразила желба да ги поддржи економските и инфраструктурни проекти во Македонија, како што е изградба на железничка линија, гасовод и проекти поврзани со зелена енергија.

Во врска со можноста за поделба на Албанија и Северна Македонија на патот кон европската интеграција, портпаролката за проширување Ана Писонеро објаснила дека Оливер Вархеји сака да се одржат меѓувладини конференции со двете земји, но со оглед на фактот дека конечната одлука треба да ја донесат државите членки, ЕК нема никакво влијание врз овој процес.