Фон дер Лајен: ЕУ ќе ја укине целата руска нафта (ВИДЕО)

Во говорот пред Европскиот парламент, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изнесе детали за шестиот пакет санкции што треба да се договорат во наредните денови.

Таа наведе четири различни видови санкции. Санкциите ќе бидат насочени кон високи руски воени офицери кои извршиле злосторства во Буча и Мариупол.

„Знаеме кои сте, нема да се извлечете со ова“, рече таа. Понатаму, Фон дер Лајен рече дека Сбербанк, најголемата руска банка, ќе биде исклучена од СВИФТ системот за банкарски трансфери.

Исто така, три главни руски државни телевизии ќе бидат отсечени од ЕУ преку кабел, сателит или интернет. „Ќе го отсечеме гласникот кој ги засилува Путиновите лаги“, рече шефицата на Комисијата на ЕУ.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ исто така најавува крај на својата зависност од руската нафта.

„Ова ќе биде целосна забрана за увозот на целата руска нафта, поморска, цевководна, сурова и рафинирана. Ќе се погрижиме постепено да ја укинеме руската нафта за да ни се овозможи на нас и на нашите партнери осигурување алтернативни патишта за снабдување. Со тоа сакаме да го минимизираме влијанието на светските пазари. Нема да биде лесно, но во рок од шест месеци сакаме да го запреме увозот на сурова нафта од Русија, а до крајот на годината и сите други нафтени производи“, изјави Урсула фон дер Лајен.

Последниот и досега најтежок, шести пакет санкции, ќе треба да биде едногласно одобрен од 27 членки на ЕУ. Ставот на членките не е единствен бидејќи Словачка веќе најави дека ќе бара изземање, а Унгарија предложи дека санкциите за снабдување со енергија за нив се „црвена линија“.

Фон дер Лајен рече дека Европа има посебна одговорност кон Украина и предложи „амбициозен пакет за закрепнување“ за земјата разурната од војна.