Фон дер Лајен: Гасоводот меѓу Бугарија и Грција „ги менува правилата на игра“

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен денеска на церемонијата на пуштање во употреба на гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција изјави дека енергетската криза е сериозна, но дека е сигурна дека Европа ќе се справи со неа.

Таа посочи дека гасоводот меѓу Бугарија и Грција „ги менува правилата на игра“ и значи слобода и ставање крај на зависноста на Европа од рускиот гас и дека ваквите проекти значат дека Европа ќе има доволно гас за зимата.

Фон дер Лајен рече дека првиот чекор во подготовката за зимата е диверзификација на изворите, односно барање други партнери освен Русија, вториот е заштеда, а третиот е инвестирање во одржливи извори на енергија кои се локални и ја прават секоја земја независна.

„Европа има се што и е потребно за да се ослободи од зависноста од Русија, а тоа е политичката волја. Енергетската криза е сериозна, но убеден сум дека можеме да се справиме со неа и бара сериозен одговор од Европа“, рече Фон дер Лајен.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека гасоводот ќе донесе природен гас од Азербејџан до Бугарија и ќе ги ослободи тие европски земји од „контролата на рускиот гас“.

Тој додаде дека на овој начин ќе се задоволат потребите не само на Грција туку и на другите земји од Југоисточна Европа преку терминалот во Александрополис, кој ќе биде готов на крајот на следната година.

„Ова е проект кој не е само енергетски гасовод, туку носи диверзификација на изворите на снабдување, ги поврзува европските земји и е конкретен израз на нашата решеност заеднички да одговориме на големите предизвици и да го промовираме просперитетот на нашите народи“, рече Мицотакис.

Тој порача дека треба да се избегне фрагментација на енергетскиот пазар во Европа и дека е неопходна солидарност.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, рече дека овој гасен интерконектор е важен и за Романија, Србија и Северна Македонија и дека со пуштањето во употреба на гасниот терминал во Александрополис, регионот ќе добие вистинска диверзификација на гасот.

Тој укажа на важноста од изградба на гасен интерконектор со Србија и укажа на неопходноста од ревитализација на Коридорот 8 кој го поврзува Црното со Јадранското Море, како и изградба на мостови на Дунав.

„Постоењето на овој гасен интеронмектор ја зајакнува нашата независност и преговарачка моќ“, рече бугарскиот премиер Галаб Донев и нагласи дека гасоводот е од клучно значење за Бугарија.

Тој додаде дека настаните околу гасоводот на Балтикот укажуваат дека тоа може да биде тешко на Балканот и дека затоа е неопходно да се овозможи алтернативно снабдување со гас.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Грција и Бугарија ќе имаат голема корист од овој проект.

„Тоа е важно и за Србија, која веќе ја започна изградбата на интерконектор со Бугарија, кој ќе биде готов за една година“, рече Вучиќ и додаде дека не претерува кога вели дека ова е важен ден за Србија.

Тој додаде дека, за разлика од Урсула фон дер Лајен, мисли дека есента и зимата ќе бидат потешки отколку што вели таа, и додаде дека помогнала во изградбата на интерконектор меѓу Србија и Бугарија и Србија и Северна Македонија.

Вучиќ ја повика Фон дер Лајен да ги стави земјите од Западен Балкан на истата листа со земјите од ЕУ кога станува збор за цените.

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев изјави дека овој гасовод е важен за зајакнување на енергетската безбедност во Европа.

„Енергетската безбедност е дел од националната безбедност на секоја држава, а актуелната политичка ситуација уште еднаш го докажува тоа“, рече Алиев, додавајќи дека Азербејџан е горд што е иницијатор на јужниот гасен коридор.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кажа дека колку се поповрзани земјите, толку се поотпорни на енергетските предизвици и дека Северна Македонија мора да стане дел од таа широка гасоводна мрежа и дека ова е моментот да се погледне надвор од тесните национални интереси и работи на солидарност.

Романскиот премиер Николае Ќука рече дека започнувањето со работа на гасниот интерконектор придонесува за диверзификација на изворите на природен гас и дека тоа мора да се забрза за побрзо да се ослободи Европа од руските фосилни горива.

На средбата неколку говорници изјавија дека Алиев е најбараниот човек во Европа денес.