Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сè уште не добила покана од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да присуствува на неговата инаугурација на 20-ти јануари, изјави во петокот портпаролката.
„Не планира (Фон дер Лајен) да оди на инаугурацијата, а ако добие покана, тогаш ќе видиме, но засега нема никакви планови“, изјави портпаролката Пола Пињо за новинарите.
На 3-ти јануари, Фон дер Лејен ги откажа сите патувања во следните две седмици бидејќи има пневмонија, пренесуваат агенциите. Портпаролката Пињо изјави дека нејзината здравствена состојба ќе биде објавена во понеделник.
Трамп покани неколку странски челници на церемонијата, иако историски тие не присуствуваат на инаугурациите поради безбедносни причини и наместо тоа испраќаат дипломати.
Меѓу другите, покани добија кинескиот претседател Кси Џинпинг, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Според извештаите, Кси нема да допатува во Вашингтон, туку наместо тоа ќе испрати пратеник од највисоко ниво.