Фон дер Лајен: Никој нема да смрзне зимава

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да успее да ги уцени снабдувачите со енергија и нагласува дека никој во Европа нема да смрзне зимава.
Таа во интервју за денешното издание на виенскиот дневен весник „Курир“ истакна дека Путин од почетокот на војната во Украина се обидува да ја уценува и подели Европа со залихи на енергија.

„Тој повторно ќе доживее неуспех“, посочи таа, додавајќи дека планот за штедење на Европската комисија содржи „заштитна мрежа за сите членки“.

Фон дер Лајен нагласи дека никој во Европа нема да смрзне зимава.

Со предлогот на Комисијата за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто од 1 август до 31 март, објаснува таа, можно е безбедно да се помине зимата дури и во случај на целосно прекинување на испораките од Русија.

Кога станува збор за нормализирање на односите со Русија, таа нагласи дека „нормалните односи со Путин се незамисливи“.

„Русија е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, и покрај тоа, Путин започна варварска војна. Ова кршење на нашиот мировен поредок е сериозно“, нагласи таа.

Комисијата со загриженост ги набљудува последиците од високите цени на енергетските постројки, вели таа, и има на располагање голем број можни контрамерки.

Фон дер Лајен ја отфрли можноста за суспендирање на поддршката на ЕУ за Украина.

„Во Украина тоа не е ништо помалку од зачувување на европската мировна архитектура“, објасни таа.

Како што нагласи, само Украина одлучува дали и како ќе има преговори со Русија.

„Солидарноста има своја цена, но немањето солидарност чини многу повеќе“, предупредува таа и посочи дека од почетокот на воведувањето на санкциите било јасно дека тие се поврзани со одредени трошоци и за ЕУ.

„Меѓутоа, ние се обидуваме да ги задржиме тие трошоци што е можно пониски. Многумина од нас живеат со децении во верувањето дека може да има мир и демократија во Европа без тоа да чини ништо. На таа илузија стави крај на Путин на 24 февруари. јасно ни е дека Москва мора да плати висока цена за својата агресија“, додава Фон дер Лајен.