Фон дер Лајен: Подготвивме пакет за поддршка на целиот Западен Балкан

Европската унија подготви пакет за поддршка за целиот Западен Балкан за да му помогне да се справи со енергетската криза, изјави вчера во Скопје претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен, која својата посета на Западен Балкан ја започна во Северна Македонија, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека ЕУ обезбедила грантови во вредност од 80 милиони евра за таа земја како форма на итна буџетска поддршка.

„Тоа ќе помогне во справувањето со високите трошоци за енергија за вашите граѓани и компании“, рече Фон дер Лајен и најави дека ќе пристигнат уште средства во Северна Македонија.

Таа на Твитер порача дека преговарачкиот процес со Северна Македонија зема замав и дека македонскиот народ е посветен на европските вредности.

„Сите обединети политички сили можат да ја постигнат целта, за доброто на граѓаните. Сега е моментот“, истакна Фон дер Лајен.

По посетата на Скопје, Фон дер Лајен, како што претходно беше најавено, денес ќе престојува во Приштина и Тирана, а на 28-ми октомври на агендата се Србија и Босна и Херцеговина.

Посетата ја завршува на 29-ти октомври во Подгорица.