Фон дер Лајен советува да не планираме летен одмор

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека поради пандемијата на коронавирус треба да се почека со планирањето летен одмор.

– Советувам да почекате со таквите планови. За јули и август се уште никој не може да даде сигурна прогноза – рече Фон дер Лајен во интервју за германски „Билд“.
На прашањето во однос на одлуката на германската Влада да им се издаваат на луѓето бонови како противвредност на патувањата кои поради пандемијата се откажани, таа одговори дека тие, правно гледано, имаат можност да бираат дали да им се вратат парите или да добијат бонови.

Сепак, таа ги повика клиентите на туристичките агенции, кои немаат финансиски проблеми, да се откажат од своето право.

– Во оваа криза, потребна е солидарност на сите. Ако некој е финансиски во можност да не побара враќање на средствата, туку ќе земе бонови, тогаш тоа ќе биде добро за туристичките агенции да ги надминат тешките недели – рече Фон дер Лајен.