Фон дер Лајен упати предупредување до италијанската десница

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја предупреди Италија на последиците доколку отстапи од демократските принципи, упатувајќи едвај прикриена закана пред изборите в недела, на кои се очекува да победи десничарскиот блок предводен од Џорџија Мелони. „Мојот пристап е дека која било демократска влада е подготвена да работи со нас, ние работиме заедно“, рече таа како одговор на прашање на Универзитетот Принстон во САД во четвртокот. „Ако работите тргнат во друга насока, зборувам за Унгарија и Полска, имаме алатки“, додаде таа.

Фон дер Лајен очигледно мислеше на неделната препорака од Европската комисија за суспендирање на околу 7,5 милијарди евра финансирање за Унгарија поради корупција, што е прв таков случај во блокот од 27 земји според новата санкција со цел подобра заштита на владеењето на правото. ЕУ ја воведе финансиската санкција пред две години како одговор на, како што наведе, поткопување на демократијата во Унгарија, каде што премиерот Виктор Орбан ги покори судовите, медиумите, невладините организации и академската заедница, како и ограничувањето на правата на мигрантите, хомосексуалците и жените во текот на повеќе од една деценија на власт.