Фон дер Лајен во Скопје: Не губете верба за старт на преговорите – треба да направиме само уште еден чекор

На заедничката прес-конференција со Заев, претседателката на ЕК, слично како и во Тирана, изјави дека е целосно фокусирана на формално отворање на преговорите до крајот на годината, додека за дијалогот со Бугарија рече дека се работи со двете страни и дека има добри идеи што треба да се разгледаат.

Мислам дека моментно за нас е важно да се фокусираме на испорачување сега. Јас се фокусирам главно на тоа и сакам двете држави да почнат со пристапниот процес. И навистина треба да испорачаме сега, а кога велам сега мислам на крајот на годинава. Ова го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, попладнево во киното „Фросина“ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање „дали пакетот Албанија – С Македонија ќе биде раздвоен во декември или напролет“, доколку до крајот на годината не се постигне решение меѓу Скопје и Софија.

Претседателката на ЕК рече дека целосно посакува формалното отворање на преговорите да биде што поскоро и повика да не се губи верба, затоа што С Македонија и ЕУ, како што рече, треба да направат само уште еден чекор, по напредокот што е постигнат досега.

„Целосно, од дното на моето срце, го посакувам формалното отворање на пристапните преговори што е можно поскоро. Сакам овие преговори со С Македонија и Албанија да се отворат колку што може побрзо. Ве повикувам да не губите верба. Дојдовте дотука, изодевте толкав пат и постигнавте толкав напредок. Ви честитам на тоа. Ајде сега да направиме уште еден чекор . Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и во Комисијата и ајде да работиме вредно кон одржување на таа прва конференција. Тоа ќе биде нашата заедничка цел. Уште еднаш честитка за реформите, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сега е важно да се одржи оваа динамика. Сигурна сум дека на крај тоа ќе биде наградено.“, рече Фон дер Лајен.

Потоа, одговарајќи на прашање кој е тој последен чекор што треба да се направи, таа посочи дека ЕУ има многу добри идеи во дијалогот со Бугарија, што треба да се разгледаат.

„Работиме со двете страни, работиме и со Бугарија за да ја надминеме последната пречка. Има многу добри идеи што треба да се разгледаат, се со цел да ја надминеме последната пречка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Нашата цел е со С Македонија и со Албанија да почнеме пред крајот на годината. Има многу работа, долг е процесот, многу разговори, затоа што има многу теми што може да се решат со добар дијалог. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес, кој веќе не треба да биде попречуван од овие теми“, рече Фон дер Лајен.

Во почетокот на прес-конференцијата, таа рече дека дошла во Скопје како пријател и како партнер и дека и е драго што тоа се случува во месецот кога земјата одбележува 30-годишен јубилеј од независноста. Исто така, му го предаде на Заев и грантот од 2,6 милиони евра од Програмата на ЕУ за млади.

„Постигнавте инзвонреден напредок и донесовте храбра одлука и се согласувам дека сега ЕУ треба да испорача. ЕУ и С Македонија веќе ги здружуваат силите, на пример, во битката против ковид-19, кога треба да ја победиме пандемијата, но и да се справиме со економските последици од неа. Ќе дојдат и уште вацини, но важна е и вакцинацијата. Сакам да ги повикам сите – не сакаме пандемија на невакцинирани, така се заштитувате себеси и своите сакани“, рече Фон дер Лајен.

Таа пристигна во Скопје од Тирана, каде што исто така посњочи дека целта на ЕК е до крајот на годината двете земји-кандидатки формално да ги почнат преговорите со ЕУ.