Фон дер Лејен ја повика ЕУ подобро да ја искористи сопствената моќ и сила

Идната претседателка на Европската комисија, поранешната германска министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, ја повика во петокот од Берлин Европската унија на поенергичен пристап на глобален план.

„Европа мора да го научи јазикот на моќта. А тоа значи да ги зајакне мускулите таму каде што претходно се потпиравме на другите и притоа мислам на безбедносната политика“, рече фон дер Лејен во берлинското седиште на фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска на германските демохристијани.

Поранешната германска министерка за одбрана се заложи за тоа Европската унија „концетрирањето“ да го насочи на своите постојни сили. Фон дер Лејен притоа како пример ги наведе односите на ЕУ со Кина.

„Ние можеме посилно да влијаеме на условите под кои ги склучуваме работите со Кина. Бидејќи Кина, додуша, е важен партнер за ЕУ, но исто така и ЕУ е многу важен партнер за Кина“, рече фон дер Лејен.

Таа истакна дека Европа можеби е „мала и сѐ постара“, но дека има нешто што е непроценливо, а тоа е правната држава, слободата, демократијата и отвореноста за сите животни форми. „Такво нешто младите во Русија и во Кина го немаат“, додаде фон дер Лејен.

Идната претседателка на Европската комисија зборувајќи за земјите од западен Балкан и нивната европска перспектива ја спомена „стратешката политика на проширување“.

„Во наш интерес е земјите од западниот Балкан да ја задржат европската перспектива. Ние делиме ист континент, иста историја, иста култура и исти предизвици“, рече фон дер Лејен и додаде дека доколку ЕУ ја ускрати оваа перпсектива, во тој простор ќе влезе некој друг, без разлика дали станува збор за Кина, Русија, Турција или Саудиска Арабија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.