Фон дер Лејен се закани со можна постапка против Германија

Актуелната претседателка на Европската комисија и поранешна германска министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, истакна во неделата реагирајќи на одлука на германскиот Уставен суд, дека правото на Европската унија е надредена на правото на националните држави и оти е можна постапка против Германија поради „поткопување на овој правен поредок“.

„Европската комисија ги потврдува трите темелни принципа: дека монетарната политија на Унијата е работа од исклучителна надлежност; дека правото на Унијата има предност пред националното право и дека одлуките на Европските суд се обврзувачки за сите национални судови“, се истакнува во писмената изјава на Урсула фон дер Лејен, којашто е објавена во многу невообиечаено време – во неделата попладнето.

Уставниот суд на Германија го доведе во прашање првенството на највисокиот суд на ЕУ преиспитувајќи ја стимулативната програма на Европската централна банка (ECB). Ова е првпат кога највисокиот германски суд  оди против заклучоците на Европскиот суд, кој претходно одлучи дека споменатата програма за откуп на обврзници е во согласност со правото на Унијата.

Највисокиот германски суд би можел оваа програма на откуп на државните обврзници да ја прогласи за незаконска, според германското законодавство и делумно спротивна на уставот на Германија, доколку не добие задоволително и убедливо појаснување од ECB. Германската централна банка Bundesbank би можела да биде исклучена од оваа програма.

Одлуката на германскиот Уставен суд се однесува на програмата за масовен откуп на државни обврзници, обврзници на државните агенции, локалните единции и меѓународните организации на секундарниот пазар.

Таквата програма беше започната во 2015 и траеше до 2018 година. Со неа беше овозможено откупување на државните обврзници во износ од околу 2.000 милијарди евра. Станува збор за програма за ткн квантитативно попуштање, што доста ги намали каматите, односно трошоците за задолжувањето и овозможи економски раст по големата финансиска криза од 2008 година.

Судот на ЕУ, чие седиште е во Луксембург, претходно утврди дека одлуката на ECB е во согласност со прописите на Унијата, а во петокот објави дека обидите на националните судови да го оспорат неговиот примат „го загрозуваат правниот поредок“ на Унијата, без конкретно да се осврне на ставовите на германскиот Уставен суд.

Фон дер Лејен, како претседателка на ЕК, наведува дека крајниот збор за толкување на правото на ЕУ го има Судот на ЕУ во Луксембург, а не националниот судови во Карлсруе или на кое и да е друго место во другите земји членки.

„Конечниот збор за правото на ЕУ секогаш се носи во Луксембург. Никаде на друго место. Европската унија е заедница на вредностите и правото, кои мора секогаш да бидат поддржувани и да се бранат. Тоа нѐ држи заедно. За тоа се заземаме“, рече фон дер Лејен,

Претседателката на Европската комисија додава сега детално ќе ја проучи одлуката на германскиот Уставен суд и ќе ги разгледа натамошните чекори, кои може да вклучуваат и покренување постапка против Германија.

Одлуката на Уставниот суд на Германија наиде на голем одек, бидејќи може да ги проблематизира правните основи на ЕУ. Многумина го поставуваат и прашањето доколу германскиот суд не ја почитува одлуката на Судот на ЕУ, како тогаш истата работа може да се бара од другите земји членки.