Фон дер Лејен во самоизолација

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, објави во понеделникот дека е во самоизолација откако е потврдено дека минатата седмица била на состанок на кој еден од учесниците бил заразен со коронавирусот.

„Известена сум дека минатиот вторник сум учествувала на состанок на кој било присутно лице за кое вчера тестот покажал дека е позитивно на Covid-19. Во согласност со правилата кои се на сила, јас сум во самоизолација до утре наутро. Во четвтокот тестот покажа дека сум негативна на Covid-19, а денеска сум повторно тестирана“, објави фон дер Лејен на Twitter.

Претседателката на Европската комисја минатата седмица, во понеделникот и вторникот, престојуваше во Лисабон каде учествуваше на низа состаноци со португалските функционери. Оваа посета предизвика многу прашања за оправданоста на патувањето во Португалија во времето кога пандемијата на коронавирусот зема нов замав.

Минатата седмица и претедателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, беше во самоизолација, поради што за една седмица беше одложен самитот на челниците на 27-те земји членки на Европската унија.

Досега веќе тројца членови на Европската комисија беа во самоизоалција, бидејќи се нашле во близина или имале контакт со заразени лица. Тоа беа извршните потпретседатели Франс Тимерманс и Валдис Домбровскис и комесарката за здравство Стела Кирјакидес.