Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 42 стипендии за талентирани студенти

36

Четириесет и двајца студенти од Фармацевтскиот и од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе добијат стипендии од Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која веќе 12-та година по ред ги стипендира студентите од овие два факултета. Стипендирани ќе бидат 22 студенти од Фармцевтскиот и 20 студенти од Медицинскиот факултет.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.

„Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40, да бидат стипендирани 42 студенти, со што исполнивме квота од 500 студенти за 12 години. Навистина ми е драго што фондацијата „Трајче Мукаетов“ и компанијата „Алкалоид“ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани стипендисти по медицина и фармација досега – изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.

„Ме радува и постигнатиот просек на првенците. Еден од првенците веќе во наредниот месец ќе ја започне својата кариера во „Алкалод“, а до крајот на годинава вкупно 81 стипендирани студенти ќе бидат дел од компаниските процеси. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација“, рече Мукаетов.

Почнувајќи од учебната 2007/2008 година Фондацијата досега стипендирала вкупно 500 студенти по фармација и по медицина.

Освен тоа петмина студенти од овие два факултета, кои се првенци на генерациите со просек 10,00, ќе добијат и еднократна парична помош од Фондацијата во висина од 1.200 евра, која се  доделува од 2009/2010 година. Годинава оваа награда е за: Марио Игњатовиќ од Фармацевсткиот факултет и Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски и Никола Манев од Медицинскиот факултет, сите стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Според деканот на Медицинскиот факултет, професор д-р Соња Топузовска, стипендиите ќе бидат мотивација за студентите да продолжат со својата успешна кариера.

„Драго ми е што водечката фармацевтска компанија се обидува да ги задржи талентираните кадри кои своите кариери ќе продолжат да ги реализираат во државата, особено затоа што изминативе десет години имаме голем одлив на кадри од државата“, рече Топузовска.

Деканот на Фармацевтскиот факултет, професор д-р Светлана Кулеванова, посочи дека стипендијата е од големо значење за студентите од овој факултет и значи дополнителен поттик за нив по крајот на студиите да го најдат професионалниот ангажман во оваа компанија.

„Практиканството на кое работиме заедно веќе две години, под менторство на компанијата, е неверојатно добра можност за нашите студенти“, додаде таа.

Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 79 од стипендираните студенти, и тоа 74 студенти од Фармацевтскиот факултет и 5 студенти од Медицинскиот факултет. Во текот на месец ноември 2019 година, професионално ангажирани ќе бидат уште двајца стипендисти.

Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.