Фондот за пензиско и инвалидско осигурување исплаќал пензии на починати

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и натаму продолжува да исплатува пензии на починати лица, поради што оваа важна финансиска институција за државата, и натаму трпи огромни финансиски штети. Од друга страна, Фондот нема доволно контролни механизми како тоа да го спречи, ниту присилни механизми како да си ги наплати штетите настанати по овој основ.

Ова го покажала ревизијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2020 година, која била правена лани од мај до септември, при што Државниот завод за ревизија ги „чешлал“ финансиските извештаи на ПИОМ, утврдувајќи серија пропусти.

Државните ревизори во својот конечен извештај навеле дека финансиските извештаи се одговорност на раководството на Фондот за ПИОМ, кој бил застапуван од Шаип Зенељи, директор од крајот на ноември 2018 година до ноември 2020 година, како и Билјана Јовановска, директор од крајот на ноември 2020 година.

„Оваа одговорност вклучува дизајнирање, имплементација и одржување на интерна контрола која што е релевантна за подготвување и објективно презентирање на финансиските извештаи, кои се ослободени од материјално погрешни прикажувања, без разлика дали се резултат на измами или грешки, избор и примена на соодветни сметководствени политики, како и правење на сметководствени проценки кои што се разумни во околностите. Раководството на субјектот е исто така одговорно за осигурување дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, се вели во објаснувањето од ДЗР.

Од Фондот, сега поранешната директорка Јовановска доставила забелешки на извештајот, кои ДЗР ги ставиле во прилог на својот конечен извештај.

Што е она што го констатирале ревизорите за пензиите на починатите лица? Оттаму не даваат прецизен податок колку точно пари се исплатиле на починати лица во 2020 година, но кажуваат колку изнесуваат побарувањата од граѓани по основ на извршени претплати на пензии, и колку од нив се спорни и сомнителни побарувања.

Односно, во извештајот е наведено дека Фондот има штети по основ на претплати на пензии од 3,7 милиони евра, а од нив 2,6 милиони евра се спорни и сомнителни побарувања. Ако е за утеха, сумата е намалена за 3,5 отсто во однос на 2019 година.

Еве што напишале државните ревизори.

„Со извршениот увид во деловните книги кои се однесуваат на побарувањата од граѓани по основ на надомест на штети за извршени претплати на пензии, ревизијата ги констатира следните состојби: по основ на штети за претплати на пензии, искажани се побарувања од граѓани – во вкупен износ од 228.470 илјади денари (3,7 милиони евра – н.з.), од кои како сомнителни и спорни побарувања во износ од 160.337 илјади денари (2,6 милиони евра – н.з.), што е намалување од 3,5 отсто во однос на 2019 година, кога вкупниот износ на побарувања по овој основ изнесува 236.701 илјада денари (3,85 милиони евра – н.з.)“, се вели во извештајот од ДЗР.

Оттаму наведуваат дека на оваа позиција се искажуваат побарувањата за штети од граѓани по основ на исплатени пензии на починати корисници, времени пензии, семејни пензии или друг вид на неосновани исплати на пензии.

Дека овој проблем се провлекува со години, покажува и фактот кој може да се види од извештајот, а тоа е дека Фондот се уште не може да си ги земе парите од стари вакви случаи кои се провлекуваат од поодамна, уште од 2012 година. Банките не соработувале со Фондот, односно не му ги враќале средствата, па тој напомош ја повикал Финансиската полиција, но се уште не се знае дали таа воопшто постапила по неговото барање.

„Во текот на 2020 година, од страна на одделението за исплата на пензиски примања креирани се 22 предмети за надомест на штети од корисници по основ на повеќе или неосновано исплатени пензии, во вкупен износ од 5.620 илјади денари (91 илјади евра –н.з) и искажани се побарувања по основ претплата на пензии во износ од 6.907 илјади денари (112 илјади евра –н.з.), кои произлегуваат од 2012 година и се однесуваат на дозначени пензии до банките, за кои не бил извршен поврат на средствата од трансакциските сметки на починати корисници. Фондот доставил писмени барања до банките во 2012 и 2013 година за поврат на средствата, но поради нивно непостапување, податоците ги доставил и до Управата за финансиска полиција. До денот на ревизијата, Фондот нема информации за преземени активности од страна на Управата“, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите нагласуваат дека овие состојби не се во согласност со Законот за ПИО, а континуираното креирање на предмети за штети од граѓани и нискиот процент на наплата на овие побарувања упатува на неизвесност за нивна наплата во наредниот период, со што е овозможена имотна корист на поединци за извршени неосновани исплати на пензии.

ДЗР за ова препорачува одговорните лица на Фондот да преземат активности и контролни мерки за навремено откривање и постапување по утврдени неосновано исплатени пензии, како и да ги преземаат сите потребни правни дејства за наплата на побарувањата по штети.

Од извештајот можат да се забележат и други неправилности. Имено, зголемените приходи на Фондот не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции за 2020 година, кои се одвојуваат од Буџетот на државата и учествуваат со 38,4 отсто во вкупните приходи во Фондот за ПИО, се вели во ревизорскиот извештај.

Во извештајот ревизорите изразиле мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од  финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2020 година.

Констатираат и слабости во системот на интерни контроли во процесот на остварување на права од ПИО и исплата на пензиските примања, отсуство на целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените поради што, според нив, не секогаш е обезбедено потврдување на внесените податоци и точност и навременост во постапката.

А токму тоа придонесува за зголемување на ризикот од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право.

Констатиран е и недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство, слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција, нераспоредени средства на уплатната сметка од наплата придонес за ПИО, недоволни механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии, евидентирани објекти за кои не постои веродостоен документ, нерасчистени имотно правни односи, неизвршено излагање на објектите и упис во катастар на недвижности.

Извор: Фактор