„Форд“ поради царините ќе изгуби милијарда долари профит

Автомобилскиот гигант„Форд моторс“ ќе има милијарда долари помала добивка идната година поради даноците за увоз на челик и алуминиум, кои неодамна ги воведе администрацијата на Доналд Трамп, а „Хонда“ соопшти дека повисоките цени на челикот ќе ги зголемат трошоците за работа за стотици милиони долари.

Од гледна точка на „Форд“, царинските давачки за металите ќе ни одземат околу милијарда долари профит. Ако тоа потрае штетите  ќе бидат и поголеми, изјави извршниот директот на компанијата, Џејмс Хакет.

Иако поголемиот дел од челикот и алуминиумот што ги користат за нивните возила „Форд“ го купува на домашниот пазар, Хакет рече дека царините може да резултираат со повисоки цени за домашните суровини.

Извршниот потпретседател на филијалата на „Хонда“ во Северна Америка, Рик Шостек, пак, изјави дека зголемувањето на цените на челикот во САД би резултирале со стотици милиони долари во дополнителни деловни трошоци за компанијата.

И покрај тоа што повеќе од 90 проценти од челикот во автомобилите на „Хонда“ кои се произведуваат во САД се од американско производство, не ја зголемивме цената на автомобилите поради зголемените трошоци, но тоа прашање сигурно ќе се разгледа, рече Шостек.

Аналитичката компанија IHS Markit предупредува дека тарифите ќе имаат далекусежни последици за американската автомобилска индустрија, како и за пошироката економија.

Компанијата проценува дека целосната имплементација на царините ќе доведе до зголемување на цената на новите возила во САД помеѓу 1.800 и 5.700 долари, додека продажбата на нови автомобили во 2020 година ќе падне за околу 2,2 милиони од проценетите 17 милиони за годинава, на само 14,5 милиони во таа година.

Според IHS Markit, новите царински давачки, исто така, ќе резултираат со губење на околу 300.000 работни места кај производителите на автомобили и продавачите на возила, додека американската економија ќе се намали за 1,1 процентен поен на 2,2 проценти, .

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.