Формула 1 го продолжи периодот на мирување и во мај

Feb. 19, 2020. (AP Photo/Joan Monfort)

Сегашниот статус на мирување на десетте екипи од Светското првенство во класата Формула 1 и произведувачите на мотори за нивните болиди – Мерцедес, Ферари, Хонда и Рено, кој трае од средината на март, во вторникот уште еднаш е продолжен, објави Меѓународната автомобилистичка федерација (FIA).

Во нормалните околности статусот на мирување во календарот на натпреварувачката сезона во Формула 1 беше предвиден за август, но избувнувањето на пандемијата од болеста предизвикана со ширењето на новиот коронавирус, беше преместен во март и во април, и продолжен од 14 на 21 ден. Потота тој период беше продолжен на 35 дена, за во вторникот да биде објавено ново продолжување.

„Од сега сите екипи мора да го почитуваат пропишаниот период на мирување од 35 на 63 последователни денови, во текот на март, април, мај и/или јуни“, се наведува во официјалното соопштение на FIA.

Статусот на мирување за производителите на моторите е продолжен од 35 на 49 последователни денови, во текот на споменатиот период.

Екипите по 50 последователни денови во состојба на мирување ќе може да побараат од FIA дозвола за работа за максимално 10 вработени, кои од дома би работеле на долгорочни проекти.

Од Формула 1 во понеделникот објавија дека се надеваат на почеток на сезоната на 5-ти јули, за кога е предвидено одржување на трката за Големата награда на Австрија. Оваа трка најверојатно ќе мора да биде организирана без присуство на гледачи на трибините.

Од оригиналниот календар на годинешното Светско првенство, кој требаше да има рекордни 22 трки, три натпреварувања се откажани, и тоа во Австралија, Монако и Франција, а уште седум трки се одложени. Според пропозициите на Формула 1, за да се додели титулата светски првак потребно е да бидат одржани најмалку осум трки во една сезона.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.