ФОТО| Американски сателит ја снимал руската рафинерија три дена пред нападот

Американскиот комерцијален сателит Worldview-1 ја снимал рафинеријата за нафта во Новошахтинск во Ростовската област којашто граничи до Украина три дена пред нападот со дрон, објави агенцијата РИА.

Снимањето на рафинеријата, како што дознал дописникот на агенцијата кој не ги наведува изворите, се одвивало на 19-ти јуни а на 22-ри јуни во средата утрото кога избувна пожар во постројката.

Претходно водството на рафинеријата во Новошахтинск соопштија дека пожарот настанал по дејствување на два дрона коишто долетале од правец на Украина. Едното од беспилотните летала било повлечено, а другите удрило во единици за пренос на топлина по што избувнал пожар кој зафатил површина од 50 квадратни метри а бил изгаснат по околу час и половина.

Севкупно од почетокот на руската воена интервенција во Украина на 24-ти февруари, сателитите Worldview-1 и Worldview-2 трипати ја снимале областа во којашто е рафинеријата, и на 5-ти мај и на 12-ти јуни, тврдат изворите на РИА.

Претходно медиумите пишуваа дека американски комерцијални сателити го снимале и Змискиот остров во Црното Море неколку дена пред обидот со ракетирања и десант на украинските сили да ја повратат контролата врз островот кој руските сили го заземаа уште првиот ден на војната. Покрај тоа, истите сателити ја снимале областа на платформите за дупчење во Црното Море една седмица пред да бидат нападнати од украинските сили.

Агенцијата РИА побарала коментар од американскиот комерцијален сателитски оператор Maxar Technologies, кој на почетокот од војната редовно објавуваше сателитски снимки за движењето на руските трупи. Но одговор не бил добиен.