ФОТО| Децата му направија проблем на Бекам на семејното летување, реагирала и полицијата

Круз и Харпер, синовите на славниот англиски фудбалер Дејвид Бекам и на модната дизајнерка Викторија Бекам, направија проблеми во текот на семејниот одмор во Италија, поради што морала да реагира и локалната полиција.

Имено, децата возеле џет-ски околу јахтата со којашто семејството Бекам пловело, а што во Италија е строго контролирано со закон, а особено се води сметка за возраста.

Доколку сакате да управувате со џет-ски во Италија мора да имате дозвола којашто може да се добие со навршени 18 години. Имајќи предвид дека Круз има 16 а Харпер десет години, реагирала и полицијата.

На фотографиите кои ги објави британскиот таблоид The Sun, може да се види реагирањето на пристанишната полиција која со службено пловило дошла до луксузната јахта со која семејството Бекам крстосувало по италијанскиот брег Амалфи.

Разговорот на семејството Бекам со полицијата траел околу 45 минути, веројатно и поради проблеми во комуникацијата поради непознавање на јазиците како што забележува весникот, а интересно е што полициските службеници го замолиле славниот фудбалер да се фотографираат со него.

Во моментот кога пристигнала полицијата на бродот Бекам се сунчал на горната палуба, но веднаш се симнал за да поразговара со нив и ја разрешил ситуацијата.

Според очевидци, Харпер и Круз носеле елеци за спасување и возеле блиску до јахтата, па за многумина не е јасно зошто полицијата морала да интервенира. По доаѓањето на полицијата, Бекам ги повикал децата кои веднаш стасале на јахтата, што може да се види и на фотографиите.