(ФОТО) Демонстрантите се повлекуваат од амбасадата на САД во Багдад на повик на шиитската милиција

Ирачките демонстранти започнаа да се повлекуваат во средата од зоната на американската амбасада во Багдад откако на тоа ги повика влијателната ирачка шиитска милиција порачувајќи дека нивната порака е слушната, соопшти ирачката државна новинска агенција INA.

Единиците на Движењето на народната мобилизација (PMF) кои главно ги сочинуваат припадници на шитската милиција, рекоа дека демонстрантите треба да се повлечат сега „кога се слушна нивната порака“, како и поради почит кон ирачката влада која настојува „да го зачува државниот углед“, пренесува агенцијата Reuters.

Голема маса демонстранти и приврзаници на милицијата ал-Хашд ал-Шабии кампираа пред американската амбасада откако илјадници во вторникот ги пробија премините кон Зелената зона за да ги осудат нападите од неделата во кои се убиени најмалку 25 шиитски борци.

Ирачкиот премиер во заминување Адел Абдел Махди во вторникот ги повика демонстрантите да ја напуштат најдобро обезбедуваната зона во Багдад и се закани дека „најстрого ќе бидат казнети“ оние кои ги напаѓаат странските амбасади.

Големиот комплекс на амбасадата на САД е изграден крај брегот на реката Тигрис во центарот на Багдад, во утврдената ткн Зелана зона, по американската инвазија од 2003 година и уривањето на режимот на сунитскиот диктатор Садам Хусеин. Таа е најголемата американска дипломатска мисија во светот. Вашингтон потврди дека дипломатите се на безбедно и во регионот итно испратија дополнителен број војници, од кои сто маринци задолжени за безбедноста на амбасадата.

Шиитските демонстранти во текот на вечерта поставија педесетина големи шатори. Во средата претпладнето носеа храна и душеци порачувајќи дека имаат намера таму да останат подолго време.

Демонстрантите во средата повторно се обидоа да продрат на територијата на комплексот на американската абасада палејќи американски знамиња и извикувајќи „Америка е големиот сотона!“, слоган кој често се употребува во регионот на Блискиот исток од периодот на Исламската револуција во 1979 година во Иран. Од големото дипломатско претставништво веднаш беше одговорено со солзавец и кревање во воздух на два борбени хеликоптера, ги потврди агенцијата AFP претходните извештаи на локалните медиуми.

Нападот врз амбасадата, американските воздушни удари од неделата и повеќекратните ракетни напади врз ирачки воени бази во кои има и американски војници за кои Вашингтон ги обвинува шиитските групации под влијание на Иран, поттикнуваат стравувања дека тензиите меѓу Техеран и Вашинготн можат да прераснат во отворена војна на ирачка територија, единствената блискоисточна земја којашто истовремено е и сојузник на Иран и на САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.