(ФОТО) Египетските археолози откриле уште стотина негибнати саркофази

Египетските власти во саботата објавија за ново археолошко откритие, овојпат на повеќе од сто негибнати саркофази постари од 2.500 години, што претставува најголемото открите од овој вид оваа година.

Запечатените дрвени ковчези им припаѓале на највисоките личности во Доцниот период на древен Египет. Пронајдени се во три гробници на длабочина од 12 метри во некрополата Сакара кај Гиза, јужно од Каиро.

Археолозите отвориле еден ковчег и откриле мумија замотана во мртовечки покров украсен со живописни хиероглифи.

На археолошкото наоѓалиште Сикара досега се откриени десетици пирамиди, древни манастири и животински гробници, а самиот локалитет претставува огромна некропола на древната египетска престолнина Мемфис и е ставена на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.

Археолозите наведуваат дека во текот на 3.000 години древните Египќани на оваа локација ги погребувале своите починати. Меѓутоа, таму не се погребувале само припадници на високите сталежи, туку и луѓе од пониските социјални слоеви. Споменикот кој пред околу 2.700 години пред Христа го изградил архитектот и хроничар Имхотеп, се смета за еден од најстарите на светот.

Ова големо откритие следеше малку повеќе од еден месец откако археолозите на истиот локалитет открија 59 добро зачувани и запечатени дрвени саркофази, исто така, постари од 2.500 години.

„Сакара допрва треба да ја разоткрие сета своја содржина. Тое е богатсво. Ископувањата сѐ уште се во тек. Секогаш кога ќе испразниме гробница, наудуваме на премин во друга“, изјави министерот за древности и туризам, Калед ал-Анани.

Додаде дека се пронајдени и повеќе од 40 мали скулптури на древните божества и погребни маски.

Уште две дрвени статуетки се пронајдени во гробица посветена на древен судија од Шестата династија, наведе Мостава Вазири, генералниот секретар на Врховниот совет за древности.

Саркофазите ќе бидат изложени во неколку музеи во Египет, вклучително и во Големиот египетски музеј кој се наоѓа близу пирамидите во Гиза.

Археолозите се надеваат дека наскоро ќе ја пронајдат древната работилница каде што биле изработувани овие дрвени ковчези, додаде Вазири.

Египетското министерство за туризам и старини настојува да ја заживее лошата состојба на туризмот во земјата, кој беше погоден од политичката нестабилност проследена со терористички напади од 2011 година, а годинава и дополнително со пандемијата на коронавирусот.

Египетската влада музеите и културните знаменитости за посетителите повторно ги отвори на 1-ви септември. Овој клучен сектoр за египетската економија минатата 2019 година достигнал рекордни 13,6 милиони посетители, пред пандемијата повторно да ги оневозможи посетите на странските туристи.

На страницата на министерството се нaведува дека работата на археолошките наоѓалишта ќе продолжи, а научниците се надеваат дека ќе откријат нови објекти во блиска иднина. Египетската влада последните години силно ги поддржува археолошките истражувања низ целата земја во надеж дека ќе го заживее туризмот, и последните две години речиси секојдневни се известувањата за нови научни откритија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.