(ФОТО) Голем број граѓани се собираат пред македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“

Како што беше и најавено, денеска во Благоевград, Бугарија се отвора македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“. Голем број граѓани се собираат пред просторот на овој македонски клуб.

Очекувано, екипа од локалната полициска управа од раните утрински часови дежура пред клубот.

Во меѓувреме се очекува и протест на ВМРО пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот.

Атанас Мазнов од македонскиот културен клуб во изјава за медиумите рече дека клубот го отвараат заради зближување на двата народа. Мазнов се надева дека како што Бугарите ќе влезат во Уставот на Северна Македонија, така и македонското малцинство во Бугарија да ги добие своите права.

Во просториите на клубот веќе се пристигнати претставници од ОМО Илинден-Пирин, а од македонските официјални претставници пристигна генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски. Присутни се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев.

На отворањето на клубот присуствува и грчкиот отец Никодим Царкњас, кој порача дека Бугарија не треба да се плаши од отворањето на клубот, туку напротив со ова треба да покаже дека е вистинска, демократска и европска држава.

– Во Грција направивме друштво со името на Крсте Мисирков и денес работиме слободно, нема никој против. Кога отидовме во судот, не ни рекоа што име е ова – Крсте Мисирков. Три години работиме. Затоа и Бугарија не треба да се плаши од овој клуб што денеска се отвара, истакна Царкњас во изјава за медиумите.

Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. ВМРО-Бугарско национално движење најави и протест. рт/бак/