ФОТО| Хакери ги објавија податоци за наводни украински разузнавачи

Хакерската група RaHDit, позната и како „Злобни руски хакери“ ги објавија на веб-страницата „Немезида“ податоците за илјада припадници на украинското воено разузнавање Главна управа за разузнавање (ГУР), пренесуваат во средата медиумите.

Како што се наведува во коментарот на објавата, недостатоците во заштитата на мрежите на Централната дирекција на ГУР на островот Рибалски во Киев, како и методите за анализа на големите податоци според карактеристичните модели на однесување на корисниците, им помогнале на хакерите да формираат база на податоци.

Во коментарот се прецизира дека „ова е само првиот материјал“ од серијата објави. Од Киев досега официјално не го коментирале наводниот кибернетички напад врз украинската безбедносна агенција. Од друга страна, пак, извор од руските тајни служби кој сакал да остане анонимен за агенцијата РИА ја потврдил автентичноста на податоците на припадниците на украинското воено разузнавање, објавени од хакерската група RaHDIt.

„Материјалите, судејќи според информациите коишто ги поседувам, не предизвикуваат сомнежи“ во автентичноста, рекол соговорникот.

Меѓу објавените податоци се и оние за претставници на резидентите во украинските амбасади во Русија, Турција, Индија, Австрија, Италија, Виетнам, Иран и Јужноафриканската Република. На листата има информации и за координаторите на украинското воено разузнавање во Полска, Унгарија, Бугарија и Словачка, како и податоци за инструктори за саботажи и припадници на притаените разузнавачки агентури на специјалните сили.

Од почетокот на руската воена инвазија во Украина, ова е најголемото протекување на податоци поврзани наводно со украинските разузнавачки служби.

Во јуни RaHDIt ги направи јавно достапни на интернет податоците, како што се тврдеше, за 700 припадници на украинското разузнавање Службата за безбедност на Украина (СБУ).

На почетокот на руските борбени дејствија, оваа хакерска група објави дека извела кибернетички напади врз сите 755 веб-страници на украинската влада, особени страниците на локалните власти. Исто така, на порталот на хакерите именуван „НемеZида“, објавени беа информации за повеќе од 11.000 приврзаници на ултранационалистичките формации во Украина.